Огромен пад на приходите на нафтените компании

44

Пандемијата предизвикана од корона вирусот остави длабоки лузни во глобалната индустрија за нафта и гас, што деновиве го потврдуваат финансиските извештаи на водечките нафтени компании за 2020 година, кои зборуваат за катастрофален пад на приходите, профитот и за огромни загуби.

Англо-холандскиот нафтен гигант Royal Dutch Shell објави дека прилагодената заработка на компанијата изнесува 4,85 милијарди долари во цела 2020 година, што претставува пад од 71 % во споредба со профитот од 16,5 милијарди од 2019 година.

Во последниот квартал од минатата година, прилагодената добивка на компанијата се намали за 87 % на годишно ниво, на 393 милиони долари. Финансискиот резултат на Shell не е толку лош во однос на конкурентите како што се американските Exxon Mobil, Chevron и британската British Petroleum.

Тие пријавија големи загуби како резултат на продолжениот пад на побарувачката на енергенси за време на мерките за заклучување, воведени низ целиот свет заради пандемијата.

British Petroleum ја објави оваа недела првата загуба во последната деценија од 5,7 милијарди долари, додека Exxon објави загуба од 22,4 милијарди долари.

Фото: Pixabay