Охрид како дестинација ќе биде претставена на Меѓународниот саем за туризам во Белград

45

Охридската туристичка понуда ќе биде претставена на 36-тиот по ред Меѓународен саем за туризам што од денеска до 2 март ќе се одржува во Белград.
Туристичкото претставување на Охрид во Србија се спроведува во организација на Агенцијата за поддршка на развојот на туризмот и Секторот за туризам и локален економски развој при локалната самоуправа од Охрид.
Охрид ќе биде дел од најголемата туристичка манифестација во овој дел на Европа, на која ќе се претстават најпознатите хотелско-угостителски брендови и туристички агенции на Охридската ривиера.
На штандот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе биде претставена речиси целата македонска туристичка понуда со посебен акцент на Охрид, а на 1 март ќе се одржи традиционалната Охридска вечер.
На отворањето на Меѓународен туристички саем во Белград ќе присуствува и градоначалникот Никола Бакрачески, кој во рамки на престојот во Белград ќе се сретне со амбасадорот на Република Македонија во Србија, Вера Јованоска-Типко и со директорката на Туристичката организација на Србија, Гордана Пламенац.
Со промоцијата на туристичките потенцијали на Охрид на овој голем саем, се очекува поголемо присуство на странски, особено туристи од Србија, чиј број од година во година се зголемува. Официјалните податоци покажуваат дека во бројот српски туристи кои го посетуваат Охрид расте од година во година, со остварени 23.036 ноќевања во минатата туристичка сезона, без притоа да се пресметани новогодишните празници. Покрај државите кои традиционално се претставуваат на саемот во Белград како Турција, Грција, Египет, Македонија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Бугарија, но и далечните Бразил и Индонезија, за првпат годинава своите најпознати дестинации ќе ги понудат и Аргентина, Алжир, Албанија, Обединетите Арапски Емирати, Малезија, Иран, Индија, Португалија и Романија.