Охридска банка – најдобра банка во Македонија за 2016 година според Euromoney

24

ohridska banka

Интернационалниот финансиски магазин Euromoney ја награди Охридска банка Сосиете Женерал со наградата Најдобра банка во Македонија за 2016 година, стои во соопштението.

Оваа реномирана награда е уште една потврда за успешното работење на банката, што покрај успешните резултати, несомнено се должи и на континуираниот оперативен развој, диверзификацијата на портфолиото, како и на професионалната посветеност на сите вработени во насока за задоволување на потребите на клиентите на финансискиот пазар во секоја сфера на финансиското работење.

“Наградата од Еuromoney е значајно признание за нашата секојдневна работа посветена на најдоброто, производите и на услугите што им ги нудиме на нашите клиенти, финансиската стабилност, профитабилноста, ликвидноста и солвентноста на пазарот на којшто работиме. Оваа награда им ја посветуваме на сите наши клиенти кои континуирано ни ја даваат својата доверба и поддршка, што за нас претставува мотив да продолжиме во истата насока”, изјави Бранка Павловиќ, претседател на Управниот одбор на Охридска банка Сосиете Женерал.

Euromoney претставува водечки авторитет на светските банкарски пазари. Тој преку својот единствен и уникатен пристап до најважните и највлијателните финансиски анализи обезбедува досега несоборливи инпути и информации до луѓето и деловните субјекти, кои го предводат развојот на финансиските пазари. Пристапот преку кој новинарскиот тим на Еuromoney ги дефинира постулатите на успех во банкарскиот сектор е основната платформа за доделување на наградите за најдобра банка, покривајќи преку 100 земји насекаде низ светот, со што воедно претставува и најчесто користена референтна основа за оцена на постигнатите деловни успеси во полето на банкарското работење. Повеќе од 50.000 банкарски клиенти годишно активно учествуваат во барем едно од многуте истражувања што Еuromoney ги прави на полето на девизните пазари и размена, приватното банкарство и во управувањето на готовинските текови, а кои според квалитетот и објавените резултати се препознаени и признати како најважни и најреферентни во целокупниот банкарски сектор.

Ова е втора награда којашто е доделена на Охридска банка Сосиете Женерал од страна на Еuromoney во оваа категорија. Првата ваква реномирана награда Охридска банка Сосиете Женерал ја добива во 2010 година, кога за првпат е прогласена за најдобра банка во Македонија.