Охридска банка од јануари до септември работеше со добивка од над 425 милиони денари

10

ohridska-banka

Охридска банка Сосиете Женерал, во период од први јануари до 30-ти септември оваа година, прикажа добивка во висина од 425.031.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период лани, банката оствари добивка од 370.358.000 денари.

“Нето приходите од камати на крајот од третиот квартал од 2016 година изнесуваат 838.627.000 денари и бележат пораст за 106,9 милиони денари или 14,7%, споредено со остварените нето приходи од камати во истиот период од минатата година“, стои во Коментарот за остварените финансиски резултати.

Приходите од каматите, како што се наведува, се зголемени за 3,7%, а за тој раст најголемо влијание имаа каматите од пласманите на клиентите, како и каматите од пласмани во хартии од вредност, додека приходите од камати од пласмани во НБРМ се пониски поради помалиот обем на пласмани.

Нето приходите од курсни разлики изнесуваат 77.310.000 денари и се зголемени за 0,9 милиони денари, односно за 1,2% во споредба со истиот период минатата година.