Охридска банка со 7 милиони евра ќе ги поддржи малите и средни претпријатија

27

download (2) Охридска банка Societe Generale обезбеди нови 7 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за развој и поддршка на малите и средните претпијатија. Договорот за новите кредитни линии го потпишаа денеска претседателската на Управниот одбор на Охридска банка, Јитка Пантучкова и претставничката на ЕБОР за Македонија, Анка Јоана Јонеску.
Прв корисник на средства од оваа кредитна линија е гевгелиската компанија Випро, која доби кредит од 1,3 милиони евра.
Средствата се наменети за енергетска ефикасност кај компании и тоа 6 милиони евра и еден милион евра се кредити за подигнување на конкуреноста на македонските компании. Средствата се обезбедени од Програмата за поддршка на приватниот сектор за Западен Балкан, а врз основа на договор потпишан во мај годинава меѓу Охридска банка и ЕБОР.
Пантучкова истакна дека со овие средства ќе продолжи и натаму поддршката на Охридска банка на малите и средните претпријатија.
“Четири години наназад нашиот раст во кредитирањето на малите и средните претпријатија е над просекот во банкарскиот сектор. Со кредитните програми на ЕБОР, ја потврдуваме нашата подготвеност за одржување на зголемениот пораст на домашната побарувачка за кредитирање и новите деловни можности на пазарот”, изјави Пантучкова.
Банката, како што беше посочено, годинава имала 15% поголема кредитна изложеност во малите и средните претпријатија во периодот кога кредитната активност на банките во Македонија беше нула.
Јонеску потенцираше дека сите овие средства одат во насока на ублажување на состојбите кај малите и средните претпријатија.
“Малите и средните претпријатија се главната потпора на македонската економија, но предизвик им е и натаму пристапот до финансиски средства”, рече Јонеску.
Договорот за кредитот на Випро е прв од оваа кредитна линија и претставува прв во Западен Балкан за заедничко финансирање на Охридска банка и ЕБОР. Од вкупниот износ, 800.000 евра се средства од Охридска банка, а 500.000 од ЕБОР.
Каматната стапка по која е доделен кредитот е под просекот во Македонија, а рокот на отплата е шест години, рече Филип Котора, член на УО на Охридска банка.
Средствата од кредитот, како што истакна сопственикот на компанијата Випро, Виктор Петков, ќе се искростат за проширување на асортиманот и освојување нови странски пазари. Со нив ќе се комплетираат две производствени линии и зголемување на капацитетите за студено складирање.
ЕБОР почна со инвестирање во Македонија од 1993 година и досега во земјава има потпишано над 80 проекти со нето кумулативен бизнис обем од над 1,1 милијарда евра.