ОИЛКО КДА продолжува да купува акции од Макпетрол

Компанијата ОИЛКО КДА – Скопје го зголеми своето акционерско учество во Макпетрол АД Скопје, откако се стекна со дополнителни 194 обични акции од издавачот.

Со оваа трансакција, ОИЛКО КДА сега поседува вкупно 28.381 обични акции, што претставува 25,25% од вкупниот број издадени акции на еден од водечките трговци со нафтени деривати во земјава – Макпетрол.

Според објавата на Македонската берза, известувањето е доставено во согласност со членот 38, точка 1 од Правилата за котација, кои ги регулираат обврските за известување при промени во значајното акционерско учество.

Ова е второ зголемување на уделот во краток временски период. Имено, пред една недела, истата компанија се стекна со 229 обични акции, со што тогаш го зголеми својот вкупен удел на 28.187 акции, односно 25,08%.

Континуираното зголемување на сопственичкиот удел укажува на засилен интерес и стратегиска позиционираност на ОИЛКО КДА во рамки на енергетскиот сектор.