Околу 460.000 жители во земјава немаат постојан пристап до храна

39

Бројките се загрижувачки и покажуваат дека 460.000 жители во нашата држава немаат постојан пристап до храна. Од друга страна, пак често пати земјава е ставена на листата на рекордери во загуби на храна и отпад од храна.

“Загубата и отпадот од храна е голем и комплексен проблем што директно ги засега националните и корпоративните политики, природните ресурси, климатските промени, економиите и пазарите, однесувањето и културата на луѓето, социјалните услови, технологијата, инфраструктурата и инвестициите. Честопати Република Северна Македонија е ставена на листата на рекордери во загуби на храна и отпад од храна, а истовремено се соочува со проблем да обезбеди доволно храна за ранливите социјални категории. Бројките се многу загрижувачки и покажуваат дека 460.000 жители во нашата држава немаат постојан пристап до храна“, стои во официјалното соопштение на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (Food and agriculture organization of the United Nations – FAO).

Денеска во Скопје претставници од релевантни институции, приватниот сектор, меѓународни организации и експерти беа дел од консултативна работилница за формулирање на стратегија за намалување на загубите и отпадот од храна во Република Северна Македонија. Работилницата е дел од регионалниот проект на ФАО за техничка соработка насловен Стратегии за намалување на загуби и отпад од храна, спроведуван во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и граѓанската организација Ајде Македонија.

Република Северна Македонија заедно со Албанија, Ерменија и Молдавија е дел од овој регионален проект на ФАО, којшто на национално ниво, им помага на земјите во развивање и спроведување на национални стратегии за намалување на загубите и отпадот од храна, прилагодени на специфичните потреби земјата и усогласени со релевантното законодавство, национални стратегии и политики за земјоделство, безбедност на храната, ублажување на климатските промени, итн.

Во текот на 2019 година, ФАО во соработка со МЗШВ, како и граѓанската организација Ајде Македонија, инволвираше голем број на институции како и претставници на приватниот сектор со цел да се даде јасна слика за состојбите со загубите и отпадот од храна во Македонија, причините поради кои се јавуваат и да идентификува мерки и политики кои ќе помогнат да се намалат овие губитоци со паралелно развивање на системот на донирање на вишок храна.

Во периодот од мај до октомври оваа година, ФАО во соработка со Ајде Македонија спроведе детално аналитичко теренско истражување во различни рурални заедници во струмичкиот регион за вредносните синџири на овошје и зеленчук (јаболка, сливи, праски, домати, зелка, пиперки), кои се култури со висока вредност и кои се склони кон загуби и отпад. При овие анализи се користеше алатката на FAO EX-ACT за вредносни синџири за која во април оваа година, ФАО обучи клучни членови на истражувачкиот тим од граѓанската организација Ајде Македонија, Факултетот за земјоделски науки и храна и МЗШВ.

“Република Северна Македонија и покрај својата социјална и економска ситуација, не се разликува во голема мера од развиените земји односно, и кај нас постои нагорен тренд во загуби на храна. Околу 30% од храната произведена или увезена во Северна Македонија никогаш не се консумира, бидејќи се расипува веднаш по берењето, во текот на транспортот, или како фрлена храна од големите трговски синџири и потрошувачите”, потенцираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, на отворањето на работилницата.

Тој додаде дека ова е загрижувачки податок, кој јасно укажува на важноста на проблемот и потребата од усогласени политики, преземање акција на сите нивоа во целото општество. Министерот Димковски изрази уверување дека овој проект се спроведува во вистинско време и е во согласност со еден од стратешките приоритети на Владата на Северна Македонија за решавање на ова горливо прашање, кое претставува еден од најголемите економски и социјални проблеми во нашата држава.

Според Роберт ван Отердијк, офицер на ФАО за агро-индустрија, како и со другите сложени, повеќеслојни проблеми, решавањето на проблемот со загуби и отпад од храна преку една сеопфатна стратегија бара широка соработка за подобро идентификување, мерење, разбирање и изнаоѓање решенија за проблемот.

Според анализите на ФАО, само приватниот сектор може да ја намали загубата и отпадот од храна во значителен обем ако се направат потребните инвестиции.  Според тоа, внесувањето на приватен капитал е клучно за реализирање на можностите кои се нудат доколку се спречат загубите и отпадот од храна. Поголемиот дел од потребните инвестиции треба да доаѓаат од приватниот сектор, бидејќи актерите во вредносните синџири (земјоделци, производители, индустрија, но исто така и потрошувачи) се главно приватни и би имале најголем мотив да инвестираат во решенија за загубата и отпадот од храна. Финансиските институции можат да играат централна улога во обезбедување финансиска поддршка во вредносните синџири за спроведување соодветни интервенции за намалување на загубите и отпадот од храна.

Националната стратегија треба да опфати и зголемување на свесноста за актерите во приватниот сектор за опциите кои нудат придобивки од намалување на загубите и фрлањето на храна, зајакнување на врските помеѓу финансиските институции, малите производители на храна и малите и средни претпријатија кои се соочуваат со ограничувања за зголемување на инвестициите во соодветни технологии во процесот на производство и дистрибуција на храна.

На денешната работилница се очекува да произлезат конкретни предлози за политиките за развој на земјоделството, безбедноста на храната, вредносните синџири и стратегиските документи, како и потребните елементи и мултидисциплинарната соработка кои треба да се интегрираат во управувањето со загубите и отпадот на храна на национално ниво.

Глобалната цел на Обединетите Нации за намалување 50% на отпадот од храна до 2030 година, придонесе голем број земји да преземат активности за намалување на отпадот од храна и искористување на храната за донација на најзагрозените категории население, што би придонело во голема мера во борбата против сиромаштијата и гладот. Овој регионален проект е дел од сеопфатната програма за намалување на загубите и отпадот од храна во регионот, со која управува Регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија (FAO-REU), под капата на Глобалната иницијатива за загуба на храна и намалување на отпадот од храна – Зачувај храна (SAVE FOOD).