Околу еден милион роботи “вработени“ во глобалната автомобилска индустрија

68

Употребата на роботи во автомобилската индустрија не е ништо ново, напротив. Тие работат во голем број фабрики во светот и ги има околу милион. Роботите во автомобилската индустрија сочинуваат третина од вкупниот број инсталирани во сите други индустрии, покажуваат податоците на Меѓународната федерација за роботика (IFR).

Автомобилската индустрија користи индустриски роботи повеќе од половина век, откако General Motors првпат го усвои UNIMATE во раните 1960-ти. Во овој период, бројот на роботи кои се користат во секторот за автоматизација забележа огромен раст.

Подобрена е и технологијата, со поевтини, пофлексибилни колаборативни системи кои ги надополнуваат и заменуваат обемните и нефлексибилни традиционални роботи, пишува порталот за роботи Universal robots.

Производството на автомобили без употреба на роботи би било незамисливо во денешно време. Густината на роботите е клучен индикатор што го илустрира моменталното ниво на автоматизација во водечките економии за производство на автомобили.

„Во Јужна Кореја во 2021 година имаше 2.867 индустриски роботи во употреба на 10.000 вработени. На второ место е Германија со 1.500 единици, а потоа следат Соединетите Американски Држави со 1.457 единици и Јапонија со 1.422 единици на 10.000 работници. Најголемиот светски производител на автомобили Кина има густина на роботи од 772 единици, но брзо се израмнува со конкурентите. Имено, за една година во Кина се инсталирани 61.598 роботи, што е 52 отсто од вкупно 119.405 роботи инсталирани во светот во текот на таа година“, наведува IFR.

Употребата на роботи им овозможува на производителите на автомобили и автомобилски компоненти да го забрзаат производството, да ги намалат трошоците, да го подобрат квалитетот и да ги заштитат своите работници од штета. Колаборативните роботи (или „коботи“) создадоа нови можности за производителите на автомобили, вклучително и можност за поставување роботи во непосредна близина на работниците без потреба од оградување, наведува Universal.