Во основното училиште Гоце Делчев во Општина Центар е поставен едукативен сообраќаен полигон, донација од компанијата Окта, како дел од активностите на кампањата Јас внимавам, наменета за подигнување на свеста за поголема безбедност во сообраќајот. На овие полигони учениците ќе може да се запознаат со основните сообраќајни принципи и да учат за правилно однесување во сообраќајот.
Јас внимавам е национална кампања создадена со поддршка на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, чија цел е да делува едукативно и со тоа да помогне во постигнување позначителни резултати во подобрување на сообраќајната безбедност и култура во земјата. Кампањата, секој месец со различни активности ќе го посвети на некои од најчестите сообраќајни проблеми, како возење под дејство на алкохол, неопходноста од користење заштитни шлемови за мотоциклистите и сигурносен појас за возачите на автомобил, возење и зборување на мобилен телефон, возење со препорачана брзина на патот, користење на детско седиште и соодветна зимска опрема.
Преку активностите, кај возрасните ќе се буди свеста и чувството за одговорност, а најмладите ќе се едуцираат преку театарска претстава, боенки и едукативни сообраќајни полигони. Покрај основното училиште Гоце Делчев, месецов ваков полигон ќе биде поставен и во основното училиште Ј.Х. Песталоци, а до крајот на годината ќе добијат повеќе училишта ширум земјата.