ОЛАФ започна истрага за увоз на „ребрендирана“ руска нафта во ЕУ

68

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) започна истрага во врска со наводите дека некои земји под друг бренд во ЕУ препродаваат руска нафта, чиј увоз во ЕУ е опфатен со режимот на санкции против Русија.

Случајот се третира како обид за заобиколување на санкциите што ЕУ ги воведе кон Русија поради руската инвазија врз Украина. Забраната за увоз на руска нафта во Унијата беше воведена со пакетот санкции усвоен во февруари 2023 година.

Истрагата следи откако некои медиуми објавија дека милиони барели руска нафта најверојатно се пласираат на пазарот во ЕУ откако претходно биле „ребрендирани“ во други земји, меѓу кои и Турција и Бугарија.

Според наводите на „Политико“ на овој начин во изминатите 12 месеци во ЕУ била извезена руска нафта преку Турција, од што Русија заработила околу три милијарди евра. Овој трансфер на руска нафта под променет бренд на потекло, се вршел преку три турски пристаништа.

Дополнително, според истите тврдења, минатата година Русија заработила околу милијарда евра од пласман на своја нафта во ЕУ преку Бугарија.

„Политико“ наведува дека ова ги покажува креативните начини на кои Русија прави обиди за заобиколување на санкциите на ЕУ и ја штити својата трговија со фосилни горива, од која Москва обезбедува речиси половина од своите приходи.

Истрагата доаѓа во време на заладени односи меѓу Брисел и Анкара поради турската соработка со Русија и покрај обидите на Турција за делумно усогласување со американските санкции кон Москва.