
Олимписките игри во Париз завршија во недела на 11 август, а вниманието на светската јавност веќе полека се насочува кон Олимпијадата која за четири години ќе се одржи во Лос Анџелес.
Знамето им беше предадено на домаќините на идните игри, а од Лос Анџелес стигнуваат првите информации за деталите околу организацијата на натпреварувањето, но и логистиката.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас изјави дека планира Олимпијада без автомобили во 2028 година!
Како што вели, тоа ќе биде огромен предизвик за организаторите, бидејќи овој град и неговите жители се многу зависни од приватен автомобилски превоз.
Бас рече дека единствен начин посетителите да стигнат до спортските објекти каде се одржуваат натпреварите ќе биде јавниот превоз.
За да успеат во тоа, челниците на Лос Анџелес планираат да позајмат околу 3.000 автобуси од други американски градови.











