Онлајн купувањата оваа година со раст од 14%

47

Купувањето онлајн во последните 12 месеци бележи раст од 14%, покажуваат податоците на Асоцијацијата за е – трговија, пренесува МИА.

Спроведената анкета во првиот квартал на 2019 година во државава во којашто испитаниците се изјаснуваат за направените онлајн нарачки и купувања во последните 12 месеци покажува раст од 14%, односно онлајн купувале 35,9% од интернет корисниците, наспроти 31,6% во истиот период минатата година, информира Асоцијацијата за е-трговија.

Интернет пенетрацијата во првото тримесечје од 2019 година е зголемена на 81,8% опфат на домаќинствата, наспроти 79,3% во истиот период минатата година. Според резултатите, има подобрување и во начинот на пристап (фиксно широко појасно и мобилно) потребен за вршење на е – трговија. Вкупно 81% од Македонците на возраст од 15 до 74 години употребиле интернет во последните три месеци наспроти 79,2% во истиот период лани. Притоа 72,9% користеле интернет секој ден, наспроти 68,7% лани, при што мажите користеле интернет повеќе (74,9%) од жените (70,8%).

Анализата на Асоцијацијата во која се користени податоци на Државниот завод за статистика покажува дека Македонците интернетот најмногу го користеле на социјалните мрежи. Конкретно, 70,4% за лично креирана содржина (текст, слики, музика, видеа, софтвери итн.) на веб-страници за да бидат споделени, потоа 70,1% за инстант пораки, т.е. размена на пораки, на пример, преку Скајп, Месинџер, ВатсАп, Вибер и 68,4% на учество во социјални мрежи (креирање кориснички профил, испраќање пораки или други прилози на Фејсбук, Твитер итн.).

И понатаму мажите се убедливо повеќе на социјалните мрежи, па така за ставката “ставање лично креирана содржина (текст, слики, музика, видеа, софтвери итн.) на веб-страници за да бидат споделени” учествувале со 73%, наспроти 67,8% од жените.

Како и во минатата година, така и годинава Македонците најмногу купувале облека и спортска опрема или 35,8%, по што со 10,5% следат производи за домаќинство и 10,4% електронска опрема. Најголемиот дел од онлајн купувањата или 38,8% се од продавачи од нашата земја. Ако во минатото доминантна онлајн трговија била од продавачите од другиот дел на светот, годинава тоа е намалено на 20%, со 11% учество на продавачите од Европска Унија.

Фото: Pexels