ОПЕК и порача на ЕУ дека не може да ги надомести резервите на нафта на Русија

118

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и порача на Европската унија дека сегашните и идните санкции против Русија би можеле да создадат еден од најголемите шокови на пазарот на нафта и дека Алијансата не може да компензира за руските количини, бидејќи нема да го зголеми своето производство.

Во време кога Брисел планира нови санкции против рускиот енергетски сектор, претставници на Европската унија одржаа состанок со претставници на ОПЕК во Виена за да ја пренесат поканата за зголемување на производството.

„Поради сегашните и идните санкции кои се најавуваат, би можело да има дневна загуба од седум милиони барели руска нафта.“, изјави генералниот секретар на ОПЕК Мохамад Баркиндо.

Тој рече дека, со оглед на моменталната состојба во енергетскиот сектор, би било речиси невозможно да се надомести ваквата загуба на дневна основа.

Европската унија повторно ги повика членките на ОПЕК да размислат за зголемување на производството со цел да се ублажи растот на цената на нафтата, изјави претставник на Европската комисија за Ројтерс.

Енергетската алијанса досега ги отфрли сите повици на САД и Меѓународната агенција за енергетика за зголемување на производството за да се ублажи растот на цените, кој минатиот месец беше највисок во последните 14 години, а ЕУ верува дека ОПЕК може да го зголеми производството од резервниот капацитет.

Баркиндо рече дека моменталната нестабилност на пазарот е последица на нефундаментални фактори кои се надвор од контрола на ОПЕК, сигнализирајќи дека нивните членки нема да го зголемат производството.

Членки на ОПЕК се: Алжир, Ангола, Екваторијална Гвинеја, Габон, Иран, Ирак, Кувајт, Либија, Нигерија, Конго, Саудиска Арабија, ОАЕ и Венецуела.

Проширениот формат на Алијансата ОПЕК +, на кој и се приклучи Русија, ќе го зголеми производството за 432 000 барели во мај како дел од планираното постепено откажување од намалувањата на производството воведени за време на пандемијата од ковид.