ОПЕК ја намали прогнозата за раст на побарувачката на нафта

58

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) ја намали проценката за растот на побарувачката на нафта оваа и следната година поради забавувањето на глобалната економија и строгите мерки за сузбивање на Ковид 19 во Кина.
Побарувачката ќе порасне за 2,5 милиони оваа година, а за 2,2 милиони барели дневно следната година, процени ОПЕК во својот месечен извештај објавен во понеделникот, намалувајќи ги претходните прогнози за 100 илјади барели дневно.

ОПЕК очекува глобалната побарувачка за сурова нафта да достигне 101,3 милиони барели дневно на крајот на годината и да се зголеми на 103,4 милиони барели дневно до крајот на 2023 година.

Прогнозите се намалени поради високото ниво на неизвесност во периодот до крајот на годината, со оглед на „политиката на нулта толеранција кон Ковид 19 во Кина, континуираната геополитичка неизвесност и послабите економски активности“, посочуваат тие.

Во 2023 година, „се очекува растот да биде под притисок од неизвесноста поврзана со економската активност, мерките за ограничување на Ковид-19 и геополитичките случувања“.

Во октомври, ОПЕК и неговите сојузници меѓу независните производители, вклучително и Русија, одлучија да го намалат производството за вкупно два милиони барели дневно од ноември во однос на планираното ниво за да ја поддржат цената на нафтата, потсетува ДПА.