OpenAI ги проширува своите операции во Азија, ја отвора својата прва канцеларија во Токио

11

OpenAI, стартап поддржан од Microsoft, ја отвори својата прва канцеларија во Токио, што се толкува како прв чекор во обидот да се освои азискиот пазар.

„Ова е само првиот чекор во она што се надевам дека ќе биде долгорочно партнерство со народот на Јапонија, владините лидери, бизнисите и истражувачките институции“, рече извршниот директор на OpenAI Сем Алтман во видео пораката.

Стартапот, кој предизвика голема возбуда со лансирањето на ChatGPT генеративниот чат-бот со вештачка интелигенција кон крајот на 2022 година, се обидува да ги зголеми приходите на глобално ниво.

Алтман и главниот оперативен директор Бред Лајткап беа домаќини на стотици директори на Fortune 500 во САД и Британија овој месец за да го претстават бизнисот, објави Си-Ен-Ен.

Минатата година, извршниот директор на OpenAI откри дека размислувал за отворање канцеларија во Јапонија, на што му претходела средба со премиерот Фумио Кишида. Покрај тоа, тие веќе отворија канцеларии во Лондон и Даблин.

Јапонија, според аналитичарите, планира да ги искористи предностите на вештачката интелигенција со цел да се натпреварува со Кина, да ја забрза транзицијата кон дигитални услуги и да го ублажи растечкиот недостиг на работна сила.

OpenAI, исто така, објави дека создале модел прилагоден за јапонскиот јазик и дека Тадао Нагасаки, кој беше претседател на веб-услугите на Amazon во Јапонија, ќе управува со бизнисот во таа земја.