ОПМ: Внимателно и претпазливо со купувањето преку интернет

37

on line kupuvanje

Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) апелира до сите купувачи да бидат внимателни и претпазливи кога купуваат преку интернет.

Во изминатиот период, како што стои во соопштението на ОПМ, на социјалните мрежи се појавија голем број реклами на интернет продавници кои нудат услуги или производи на потрошувачите. Најчесто цените на овие производи се значително помали од цените на истите производи кои се наоѓаат во малопродажните маркети, а производот или услугата изгледаат подостапни преку интернет и најверојатно од тие причини потрошувачите се решаваат да ги купат тие производи по пат на интернет.

“Меѓутоа, во нашата организација во изминатиот период се јавија голем број потрошувачи со најразлични проблеми при купувањето на производи преку социјалните мрежи или интернет продавници. Потрошувачите велат дека производите не наликуваат на тоа што е прикажано на сликата или пак се жалат дека им пристигнал производ во друга боја, големина или изглед, добиле сосема друг производ, добиле оштетен производ итн. При купувањето на производите тие добиле само испратница од сервисот за брза испорака, но не и фискална сметка или друг вид на потврда согласно закон. Дополнително правото на потрошувачите да се премислат во рок од 14 дена не може да се оствари поради тоа што потрошувачите немаат никаква информација за испраќачот/трговецот, освен е – пошта поставена на веб страна/профил на социјална мрежа, на која што најчесто никој не одговара“, велат од ОПМ.

Целта, како што се наведува, не е да се оттргнат потрошувачите од интернет купувањето, туку напротив истото и понатаму да се користи, но со зголемена внимателност и претпазливост.

Потрошувачите треба да внимаваат при купувањето преку интернет на следниве аспекти на понудата:

  • дали веб продавницата ги исполнува законските услови да продава производи или услуги преку интернет, односно дали е јасно наведено која фирма го продава производот или услугата;
  • кое е седиштето на фирмата,
  • каде може да се врати производот,
  • дали има телефонски број за контакт,
  • дали има објавено формулар за враќање на производ каков што е предвиден со Законот за заштита на потрошувачите итн.

“Исто така, ги известуваме потрошувачите дека особено треба да внимаваат при купување на производот да им биде врачена фискална сметка или друг валиден документ согласно закон, кој го издава трговецот кој го продава и испраќа производот, а не доставувачот. Потрошувачите кои ќе купат производ без притоа да ги проверат овие информации и без да им биде врачен валиден документ за купопродажба, се доведуваат во ризик да не можат да ги остварат своите потрошувачки права. Во изминатиот период многу често се случуваше одредени интернет продавници иако преставени на македонски јазик и кирилско писмо, да бидат регистрирани надвор од територијата на Р. Македонија, па поради тоа Државниот пазарен инспекторат како надлежен орган во случаи за интернет купување на производи и услуги да нема надлежност, а потрошувачите да не можат да ги остварат своите права“, се вели подолу во соопштението.

Организацијата на потрошувачите на Македонија константно се обидува да ги информира и едуцира потрошувачите како безбедно да ги користат услугите на интернет продавниците и како да избегнуваат измами интернет продавници.