Општина Аеродром дава субвенции за велосипеди

15

Општина Аеродром по повод Светскиот ден на велосипедoт, објави оглас во којшто ги повикува граѓаните да аплицираат за субвенции за велосипеди, а јавниот повик почна од вчера, втори јуни, и ќе трае до први јули 2021 година.

Повикот ќе се реализира по принципот “прв дојден, прв услужен“, а едно лице може да поднесе едно барање за добивање надоместок за еден велосипед. Секој полнолетен жител на Општина Аеродром што купил велосипед во тековната 2021 година, најдоцна до денот на траење на јавниот повик, заклучно со први јули, може да достави барање за поврат на средствата во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари со вклучен персонален данок на доход.

“Целта на овој проект е да ги поттикнеме граѓаните што помасовно да го користат велосипедот како превозно средство, што ќе овозможи да се растовари сообраќајниот метеж, но и да се придонесе за почист воздух и поздрава животна средина“, изјави градоначалникот Златко Марин.

Потребни документи за аплицирање се:

  1. Барање за надоместок (барањето може да се подигне во архивата на Општината или да се обезбеди од интернет-страницата на Општината http://www.aerodrom.gov.mk/vest/6705;
  2. Фотокопија од лична карта или пасош како доказ за жителство во Општина Аеродром;
  3. Фотокопија од трансакциска сметка на барателот;
  4. Оригинална фискална сметка или фактура со извод од деловна банка, издадена во РСМ, со датум од тековната 2021 година како доказ дека е извршено купување велосипед;
  5. Изјава (изјавата може да се подигне во Општина Аеродром или од веб-страницата на Општина Аеродром: http://www.aerodrom.gov.mk/vest/6705 со која барателот под полна материјална и кривична одговорност ќе потврди дека нема добиено субвенции од друга институција.

Документацијата се поднесува во архивата на Општина Аеродром во затворен плик со намена за Јавен повик за субвенции за купување велосипеди со назнака НЕ ОТВОРАЈ.