Општина Штип со 1.167 барања за легализација во 2014 година

22

Од поднесени 10.467 барања за легализација на дивоградби во општина Штип, скоро половина, поточно 4.920 барања се одбиени поради недостаток на еден од документите, најчесто елаборат. Во новата 2014 година, локалната самоуправа во процедура на решавање има 1.167 предмети. Изминатиот период во Штип се решени 4.350 предмети од вкупно поднесените 10.467 барања. Според информациите од општината, досега негативна одлука за легализација е донесена само за 30 предмети со правосилна одлука.

Од општината апелираат до граѓаните, до 18 јуни оваа година, барателите за легализација да ја комплетираат документацијата и истата да ја достават.

„Имајќи во предвид дека најчесто недостасува елаборат, важно е навреме да го обезбедат за да не се случи на истекот на рокот, масовно да се бара изготвување на елаборати што би ги блокирало и геодетите и комисиите. Доколку документацијата не е комплетирана, тоа ќе значи дека прекинатите постапки ќе бидат и дефинитивно одбиени заради некомплетна документација по што истите можат да се рушат”, велат од Општина Штип.

Од општината Штип, исто така, апелираат до граѓаните да не го чекаат последниот ден за да го откупат земјиштето.