Општина Василево ќе добие две нови индустриски зони

36

parkВо третата индустриската зона во Василево ќе никнат уште неколку нови објекти. Станува збор за откупно-дистрибутивен центар за зеленчук и овошје, како и неколку други објекти за откуп и преработка на земјоделски производи.

Според изјавата на заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски и градоначалникот Ванчо Стојанов, поголем дел од активностите се веќе во тек. Продадени се девет градежни парцели, на дел од нив почна изградбата, а за остатантите се прибираат градежните дозволи.

Општина Василево ќе добие и четврта индустриска зона на вкупно седум хектари, исто така наменета, главно за откуп и дистрибуција на земјоделски прозиводи. Зоната ќе биде понудена на продажба за околу еден месец.

Во Василево веќе функционираат две индустриски зони на чија површина се изградени 74 објекти од кои 30% се за откуп и дистрибуција на земјоделски производи. Вкупно 22 капацитета се во функција на аграрот, има над 400 вработени, но бројката се менува поради ангажманот на сезонски работници.

“Покрај урбанизацијата, извршивме и комплетно инфраструктурно опремување со струја, вода и канализација што значително им помага на инвеститорите. Во тек е изработка на урбанистичката документација за уште две нови индустриски зони во општина Василево. И тие ќе бидат наменети за подршка на градинарството и лозарството”, рече Коњановски.

Киро Јовов сопственикот на Агро-комерц 92 и еден од инвеститорите во индустриската зона Василево, вели дека мерките на централната и локалната власт за отворање индустриски зони се добредојдени и значат можност за проширување на бизнисот.

“Дојдов да инвестирам во Василево зашто условите за градба, како и ангажираноста и брзата реакција на општината во надминување на секој административен и комунален проблем, се евидентни. Имам погон во зона Север во Струмица во кој и по 10 години немам приклучок за вода. Овде имаме обезбедено се и производството се одвива нормално”, изјави Јовов.