Oрганизирана првата домашна туристичка берза во Македонија

21

thumbnail_berza

Новоформираната Национална асоцијација за дојдовен туризам на Македонија (НАИТМ) ја организираше првата македонска туристичка берза, на која хотелите, рестораните, превозниците, винариите и туристичките и планински водичи од Македонија ги понудија своите услуги и производи на Агенциите за дојдовен туризам.

Туристичката берза му претходеше на првото годишно собрание на Националната асоцијација за дојдовен туризам, на кое се претставија членките на НАИТМ и се промовираа активностите на Асоцијацијата за следниот период.

„Оваа форма за организирано среќавање на понудата и побарувачката во туристичкиот сектор често се применува во развиените држави како можност сите чинители да се соберат на едно место, да разменат идеи и да се информираат за новитетите во индустријата. Но, пред сé, да започнат деловна соработка и да развијат нови туристички производи. Во периодот кој следи, нашата асоцијација со своите членки ќе работи на подобрување на стандардите за работење во сите елементи од туристичкиот сектор, бидејќи тоа е основен услов за унапредување на туристичката понуда и зголемување на бројот на дојдовни туристи“, вели Влатко Сулев, претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам.

Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME) на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), која неколку години е активна во секторот туризам во Македонија, го потпомогна одржувањето на туристичката берза како начин за подобрување на туристичката понуда во Македонија.

“Туризмот претставува важен сектор во економијата со значителен потенцијал за вработувања. Покрај тоа, туристичката индустрија влијае и на останатите индустрии како транспортната, малопродажната, градежната и многу други индустрии. Затоа е од огромна важност продажната линија и првото лице пред туристите, а тука примарни се туристичките агенции во овој сектор, одлично да се запознаени со одделните понуди на секој хотел, водич и клубови за авантуристички туризам во дестинациите во Македонија во кои работат. Само така ќе понудиме комплетни туристички производи со што ќе одговориме на барањата на туристите кои ја посетуваат Македонија“, изјави Маријана Милевска, заменик директор на Програмата за зголемување на пазарната вработливост.

Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија (НАИТМ) планира организирањето на туристичката берза да го вклучи во својот календар на активности и редовно да го организира секоја година.

Дополнителни информации на info@naitm.org.mk.