ОРМ: Да се јакне социјалниот дијалог во интерес на сите

23

Унапредување на претприемачката култура, подигнување на угледот на работодавачите, како и постојана работа за унапредување на социјалниот дијалог се работите на кои постојано треба да се работи во државата за да се овозможи економски раст, но и почитување на правата на работниците, сметаат од Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ). Сите сме на иста страна, порачаа тие, и ниту еден од овие три сегменти – работниците, работодавачите и државата, не може да функционира изолирано еден од друг или, пак, да расте побрзо од другиот.

“Во однос на социјалниот дијалог на денешното Собрание на ОРМ заклучивме дека не смее да се разочаруваме иако ЕК вели дека тој е во рана фаза на развој. Тоа е нормално, ние сме млада држава, нашиот социјален дијалог е многу кревок и нов. Државите во Европа почнале со економско-социјални совети на крај на 19 век кога ние сме биле под отоманско ропство. Потребно е да ги забрзаме процесите, да ги искористиме искуствата од другите поразвиени држави, од МОТ, но, овој процес мора да продолжи“, рече досегашниот претседател, Ангел Димитров.

Тој додаде дека иако социјалниот дијалог поаѓа од различни на интереси на синдикати, работодавачи и на Владата, учесниците треба да бидат подготвени да направат компромис за клучни прашања во интерес на државата и другата страна. Само така, вели, изградените договори можат да го подобрат стандардот на вработените и целокупната економија во државата. Нагласува дека треба да се воспоставува претприемачка култура и да се подигнува постојано угледот на претприемачите. Оние, пак, кои не ги почитуваат законите или ги кршат работничките права да се објават јавно и да се санкционираат, а не сите да се стават во ист кош.

Димитров информира дека на денешното Собрание на ОРМ бил избран нов претседател, Владанка Трајковска, управител на Раде Кончар.

Таа истакна дека се надева оти дека во иднина ОРМ ќе го задржи нивото на кое се наоѓа и ќе се издигне уште повисоко, дека гласно ќе ги кажува своите ставови и своите размислувања во однос на социјалното преговарање и економска политика која се води во државата, како и дека ќе бидат препознатлив фактор во одлучувањето на социјалниот дијалог, пренесува МИА.

Новиот член на ОРМ, Ирена Јакимоска, косопственик и управител на компанијата Комфи Ангел од Прилеп истакна дека ставот на ОРМ е оти сите три сегменти во градењето на општествената форма, а тоа се синдикатите, како претставници на работниците, Владата како претставник на јавниот сектор и приватниот сектор мора да работат заедно, интегрирано и само така ќе можат да ги надминат сите недостатоци во креирањето на еден подобар животен стандард на нашите граѓани и нашата земја.

“Доколку не ги усогласат своите права, меѓутоа уште повеќе доколку не ги усогласиме нашите обврски нема никогаш да можеме да го изградиме животниот стандард којшто нашата популација го заслужува.  Затоа треба сите три сегменти да се вперат во себе, прашањето да го вперат во себе, да се запрашаат што е она што ние треба да направиме за сите три да направиме исчекор во зголемената продуктивност се со цел за да може да имаме поголем животен стандард. Промените може да настанат само во нас и заедно интегрирани може да направиме подобро општество. Не сме ние непријатели, сме на истата страна на реката, ниеден од овие три сегменти не може да функционира изолирано еден од друг или, пак, уште потешко кога еден расте побрзо од другиот, рече таа.

По Собранието на ОРМ, се одржа и дебата за состојбите во македонската економија, пред и по пандемијата.