Осигуреници наплатија 16 милиони евра, бројот на исплатени штети порасна 30%

25

За три месеци осигурителните компании исплатија речиси 23.000 оштетни побарувања.  Најголем раст на вредноста на исплатени штети за покривање медицински трошоци има кај приватното здравствено осигурување, а најголем процентуален раст има кај исплатите за штети покриени со патничко осигурување. Исплатите во најголемата доброволна класа – осигурување имот пораснаа за 17 % во споредба со истиот период лани.

Единаесет осигурителни компании за неживотно осигурување исплатија 978 милиони денари (15,9 мил. евра) за настанати штети на свои осигуреници во првите три месеци годинава. Во првите 90 дена годинава осигурителните компании исплатиле речиси 23.000 штети на осигуреници и тоа е 30 отсо повеќе од истиот период 2021 година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Најголемо учество во структурата на исплатените штети очекувано има најголемата осигурителна класа – задолжителната автомобилска одговорност (ЗАО) која е обрврзувачка со закон. Вредноста на исплатените штети за ЗАО изнесува 473 милиони денари (7,7 мил. евра) и тоа е 48 отсто од вредноста на сите штети платени во овој период. Во споредба со истиот период лани вредноста на исплатените штети е зголемена за 4 отсто.

Најголем раст на вредноста на исплатените штети повторно има кај приватното здравствено осигурување. Осигурениците наплатија 84,5 милиони денари (1,4 мил. евра) трошоци за медициски предгледи и лекување за период од три месециТоа е за 94 отсто (690.000 евра) повеќе  од истиот квартал минатата година. Од почетокот на корона кризата пред две години ова е најбрзорастечки осигурителен производ.

Значаен за истакнување е растот и на исплатените штети кај најголемата доброволна осигурителна класа – осигурувањето имот. До крај на март годинава се исплатени речиси 1.800 оштетни побарувања за осигуран имот во вредност од 116 милиони денари (1,9 мил. евра). Тоа се 17 отсто повеќе исплатени средства во однос на истиот период 2021 година.

 Патничкото осигурување има најголем релативен раст на вредноста на исплатени штети. Очигледно дека укинувањето на ограничувањата предизвикани од здравствената пандемија охрабри повеќе осигуреници да патуваат надвор од земјава. Во првите три месеци друштвата за осигурување исплатија речиси 2,5 пати повеќе пари за штети покриени со патничко осигурување. Нивната вредност достигна 13,7 милиони денари (223.000 евра). 

Вредноста на сите исплатените штети за неживотно осигурување во периодот јануари – март годинава е за 6 отсто повисока во однос на истиот период лани. 

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.