Осигурување Македонија и Винер Лајф ја засилуваат соработката

51

osiguruvanje

Осигурување Македонија изврши пренос на портфолиото за животно осигурување на Винер Лајф. Ова беше потврдено со Договорот за пренос на портфолио на животнo осигурувањe, потпишан меѓу двете компании, според што правата и обврските по полисите за животно осигурување на досегашните клиенти на Осигурување Македонија, отсега ќе ги остварува Винер Лајф.

Двете компании, Осигурување Македонија и Винер Лајф се дел од истата осигурителна групација, Виена Иншуренс Груп. Договорот со кој што се отвораат можности за соработка помеѓу двете компании, всушност значи зајакнување на позициите на двата осигурителни ентитети, а зголемување на можностите за одговарање на барањата на клиентите за секаков вид на осигурување на едно место.

За Винер Лајф ова е значаен чекор и прв проект во низата идни планирани заеднички проекти и настапи.

„Ние на овој договор гледаме како почеток на една интензивна соработка со Осигурување Македонија. Стручноста и долгогодишното искуство од вработените во самата продажна мрежа што ја поседува Осигурување Македонија, како и покриеноста на цела територија на државата, може многу да ни помогне во исполнувањето на нашите деловни цели. Од аспект на постоечките и потенцијални клиенти, соработката помеѓу двете компании значи поголема вредност за нив, каде на едно место можат да добијат животно и неживотно осигурување“, изјави Ѓорѓе Војновиќ, претседател на Управен одбор на Винер Лајф.

Со процесот на трансфер на портфолиото, средствата и личните податоци на клиентите се апсолутно и целосно заштитени. Сепак, двете компании остануваат фокусирани секоја на својата класа на осигурување, а клиентите можат да добијат одговор за сите осигурителни потреби од широко развиената продажна мрежа.

„Осигурување Македонија е компанија со големо искуство и познавање на осигурителната индустрија и успешно се усогласува со модерните тeкови на пазарот сo што обезбедува најдобра услуга и квалитетна осигурителна понуда за клиентите. Како што е познато Осигурување Македонија а.д. Скопје Виена Иншуренс Груп постоечките полиси за осигурување живот само ги опслужуваше до нивниот истек или барање за предвремен откуп од причина што овој вид престанавме да го работиме уште од 2004 година. Денес, со актуелното решение како компании членки на иста Групација ќе се фокусираме секој на својата основна дејност. Имено, Осигурување Македонија а.д. Скопје Виена Иншуренс Груп е друштво за осигурување и реосигурување неживот, а Винер Лајф – Виена Иншуренс Груп АД Скопје, друштво за осигурување живот. Секој ентитет засебно е посветен на исполнувањето на барањата на клиентите од класите на осигурување за кои е регистриран, но и заедно во креирање на комплетна понуда на пазарот“, изјави Бошко Андов, претседателот на Управен одбор и генерален менаџер на Осигурување Македонија.