
Од четвртокот, на пазарот на авиокомпании е присутна нова компанија „BARK Air“, на којашто кучињата ѝ се на прво место и патуваат со нивните сопственици во кабинскиот простор со врвна услуга.
BARK Air ќе лета на линиите меѓу Њујорк, Лос Анџелес и Лондон, кој моментално е единствената интерконтинентална дестинација.
Извршниот директор на новата авиокомпанија, Мет Микер, рече дека дошол до бизнис идејата по лошото лично искуство со транспортот на Хуго, неговата германска дога.
„Не можев да патувам долги растојанија со него и имав идеја дека треба да има компанија која се грижи за кучињата исто како и нивните сопственици“, рече Микер, кој исто така ја основа BarkBox, претплатална услуга за производи за кучиња, која е во сопственост на Bark Inc.
– На кучето му ги даваме сите услуги, обидувајќи се да им ја намалиме вознемиреноста и стресот, за да го имаат најудобното искуство без страв во авионот – рече тој.
Компанијата има намера да продаде 10 билети по лет за да направи место за 10 кучиња и нивните сопственици, иако луксузниот авион може да прими до 15 луѓе. BARK Air ќе прифаќа кучиња од сите раси и големини во кабината.
Цената на билет во еден правец за куче и едно лице на линии во САД е 6000 американски долари, додека за меѓународен лет треба да одвоите 8000 долари.
Микер вели дека цените може да се намалат во иднина.
– Денеска на почетокот работиме со загуба. Идејата е да ги намалиме цените за нашите корисници со текот на времето и да ги намалиме деловните трошоци. Тоа ќе се случи со зголемување на бројот на летови и воведување на повеќе дестинации – додаде тој.
BARK Air размислува да додаде летови до Париз, Милано, Чикаго и Сиетл, како и сезонските дестинации во Флорида и Аризона.











