Основано првото македонско Движење за поддршка на креативноста

47

Поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови е клучната цел на новото движење кое го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ.

На основачкото собрание на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ, на кое присуствуваа голем број претставници на јавниот живот, бизнисмени, уметници, членови на академска заедница, како и луѓе од креативната индустрија од земјава и целиот регион, беа усвоени статутот и останатите документи што ги содржат мисијата, визијата, целите и задачите на движењето, а беа избрани и членовите на органите на управување.

За претседател на ова уникатно движење за поддршка на креативноста во земјава и пошироко, со акламација беше избран бизнисменот Светозар Јаневски.

“Чест ми е што ќе бидам на чело на едно вакво движење кое ќе го следи аманетот што нѝ го остави мојот и наш драг пријател и соработник Иво Лауренчиќ, а тоа е да ја поттикнуваме, охрабриме и поддржиме креативноста, особено кај младите – столбот на просперитетот на секоја заедница”, истакна Јаневски, потенцирајќи дека „Во Македонија не недостасуваат паметни луѓе, туку оние што ќе ја разбудат храброста, ентузијазмот и креативноста и ќе ги поттикнат и поддржат паметните да ги искажат своите идеи и да ги стават во функција на развојот”.

Работата на новото граѓанско здружение ќе биде јавна, а неговите цели и задачи ќе се остваруваат преку организирање настани, конкурси, натпревари и креативни работилници наменети за талентирани поединци од областа на дизајнот, маркетингот, комуникациите и останатите сродни дејности. Воедно здружението ќе работи и на подигнување на свесноста во јавноста за потребата од поголеми вложувања и иновации во уникатноста и идентитетот на домашните производи и услуги и градењето силни национални брендови.

На основачкото собрание на Движењето за поддршка на креативноста беше упатен апел до сите заинтересирани професионалци од различни бранши, со различни афинитети и способности, докажани во своите средини, но пред се луѓе со космополитски дух, да се приклучат кон Движењето и со својата работа и знаење придонесат кон остварување на неговата благородна мисија.