Остар пад на Волстрит

49

Цените на акциите на Волстрит вчера остро паднаа бидејќи новите податоци за инфлацијата во САД не ги ублажија стравувањата на инвеститорите од агресивното зголемување на каматните стапки на Федералните резерви на САД.

Dow Jones падна за 326 поени или 1,02 отсто, на 31.834 поени, додека S&P 500 падна за 1,65 отсто, на 3.935 поени, а индексот Nasdaq за 3,18 отсто, на 11.364 поени.

Остриот пад на индексот е резултат на вчера објавените податоците дека потрошувачките цени во САД пораснале за 0,3 отсто во април во однос на претходниот месец, што е намалување во однос на еден месец порано, но повеќе отколку што очекуваа аналитичарите.

На годишно ниво, пак, инфлацијата благо се лизна од 8,5 на 8,3 отсто, но останува блиску до највисокото ниво од 1981 година и над очекувањата.

„Овие податоци покажуваат дека има уште работа за да се спречи инфлацијата. Пазарот се обидува да открие дали тоа ќе доведе до поголемо забавување на економскиот раст од очекуваното“, рече Квинси Крозби, стратег во LPL Financial.

За да ја спречи инфлацијата, американската централна банка ги зголеми каматните стапки за 0,50 процентни поени минатата недела, откако во март ги зголеми за 0,25 процентни поени.

На следните седници ќе се разгледува и зголемување на каматните стапки за 0,50 процентни поени, соопштија претставници на ФЕД.

Затоа, инвеститорите стравуваат дека агресивното заострување на монетарната политика ќе го забави и онака бавниот раст на најголемата светска економија.

И бидејќи опкружувањето со високи камати не е во корист на технолошките гиганти и другите компании засновани на идниот раст, цените на нивните акции нагло паднаа вчера.

Меѓу најголемите губитници беше акцијата на Apple, која падна за повеќе од 5 отсто.

Падот на S&P 500 и индексот Dow Jones, од друга страна, го ублажија растот на цените на акциите во енергетскиот сектор, благодарение на растот на цената на нафтата.

Стравувањата дека ФЕД ќе мора да ги зголеми каматните стапки поагресивно од очекуваното поради високата инфлација се главната причина за остриот пад на цените на акциите во последните недели. Но, има и други причини, од војната во Украина, преку прекин на синџирот на снабдување до „затворање“ на голем број кинески градови поради ковид.

На европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонски FTSE индекс зајакна 1,44 отсто, на 7.347 поени, додека франкфуртски DAX скокна за 2,17 отсто, на 13.828 поени, а париски CAC 2,50 отсто, на 6.269 поени.