Остар пад на Волстрит

96

На Волстрит, цените на акциите остро паднаа во средата, откако американската централна банка агресивно ги зголеми каматните стапки уште еднаш, а нејзиниот претседател Џером Пауел рече дека каматните стапки ќе достигнат повисоки нивоа од претходно очекуваните.

Dow Jones загуби 1,55 отсто, на 32.147 поени, додека S&P 500 потона за 2,50 отсто, на 3.759 поени, а индексот Nasdaq се намали за 3,36 отсто, на 10.524 поени.

Вчера, четврта сесија по ред, челниците на ФЕД ги зголемија клучните каматни стапки за агресивни 0,75 процентни поени, на опсег од 3,75 до 4 отсто, што е највисоко ниво од почетокот на 2008 година.

Вакво брзо затегнување на монетарната политика не е забележано од раните 1980-ти, кога инфлацијата беше исто толку висока како што е сега.

На пазарот се очекуваше ново зголемување на каматите, како и пораката од соопштението на централната банка дека стапката на пораст на цената на парите во иднина може да забави.

Од што се плашат инвеститорите
Имено, инвеститорите се надеваат дека веќе на седницата во декември ФЕД би можел да го ублажи растот на каматните стапки на 0,50 процентни поени, а потоа на почетокот на следната година повторно да ги зголеми благо.

Благодарение на тоа, веднаш по објавата на ФЕД, цените на акциите пораснаа.

Сепак, пазарот нагло падна по прес-конференцијата на претседателот на ФЕД.

Пауел, додуша, потврди дека на една од следните седници би можела да започне дискусија за забавување на темпото на зголемување на каматните стапки, но дека сè уште е рано за тоа и дека е потребна решителност и трпение за да се потисне инфлацијата.

„Имаме уште работа, а податоците објавени од нашата последна седница сугерираат дека конечното ниво на каматни стапки ќе биде повисоко од претходно очекуваното“, рече тој.