Остар пад на Волстрит

15

На Волстрит, главните индекси нагло паднаа вчера бидејќи претставниците на ФЕД зазедоа претпазлив пристап во нивните изјави за изгледите за намалување на каматните стапки оваа година, а инвеститорите беа нервозни пред клучниот извештај за работни места во САД.

Њујоршкиот Dow Jones индекс потона за 530,16 поени, или 1,35 отсто, на 38.596 поени, што е негов најголем пад од март минатата година и четврти ден кога паѓа. Во исто време, S&P 500 загуби 1,23 отсто од вредноста и го заврши тргувањето на 5.147 поени, а Nasdaq падна за 1,4 отсто, на 16.049 поени.

Од почетокот на неделата, сите три индекси се во минус, при што Dow Jones падна за приближно 3 отсто, а S&P и Nasdaq паднаа за 2 отсто.
Претседателот на ФЕД во Минеаполис, Нил Кашкари, на минатомесечниот состанок на централната банка изјави дека е за две намалувања на каматните стапки оваа година, но доколку инфлацијата продолжи да слабее, можеби нема да биде потребно намалување оваа година.

Пред него, претседателот на Ричмонд ФЕД, Томас Баркин, рече дека американската централна банка има „време додека не се расчистат облаците над инфлацијата“ пред да почне да ги намалува стапките.

„Тоа е многу внимателен, одмерен пристап. Исто така, постои одредена нервоза во врска со месечниот извештај за вработување, па не сакам да бидам премногу оптимист“, рече Пол Нолте, виш советник во инвестициската фирма Марфи и Силвест.

Инвеститорите сè уште проценуваат дека шансите ФЕД да ги намали каматните стапки за најмалку 0,25 процентни поени во јуни се близу 60 отсто.

Се чека извештајот за вработување во САД
Акциите пораснаа во почетокот на трговијата, откако минатонеделните податоци за побарувањата за невработени во САД помогнаа да се поддржат надежите дека каматните стапки ќе бидат намалени. Имено, податоците покажаа дека бројот на Американци кои поднеле барања за обештетување се зголемил повеќе од очекуваното.

Но, инвеститорите тогаш беа загрижени за тоа каков ќе биде месечниот извештај за вработување во САД, кој треба да биде објавен денеска. Економистите очекуваат дека во март биле вработени 200.000 работници, помалку од февруари кога имало 275.000, додека стапката на невработеност најверојатно ќе остане на 3,9 отсто.