Остар пад на Волстрит на почетокот на неделата

72

Берзанските индекси остро паднаа на Волстрит во понеделникот, бидејќи стравувањата од агресивно зголемување на каматните стапки повторно се разгореа пред конференцијата на централните банкари во Џексон Хол.
Dow Jones падна за 1,91 отсто, на 33.063 поени, додека S&P 500 потона за 2,14 отсто, на 4.137 поени, а индексот Nasdaq за 2,55 отсто, на 12.381 поени.

Во сите 11 најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите паднаа, а највисоко, околу 2,8 отсто, во трговијата и технологијата.

Во последните недели, пазарот беше поддржан од надежта на инвеститорите дека поради благиот пад на инфлацијата во САД од највисоките нивоа во повеќе од 40 години, американската централна банка во иднина ќе биде помалку агресивна во зголемувањето на каматните стапки.

ФЕД ги зголеми каматните стапки за 2,25 процентни поени од март, а се очекува да ги зголеми и во септември. Прашање е, пак, дали ќе ги зголемат каматните стапки за 0,50 или 0,75 процентни поени.

Затоа, со нетрпение се очекува говорот на претседателот на ФЕД Џером Пауел во петокот во Џексон Хол.

„Пауел веројатно ќе дејствува агресивно за да ги намали инфлациските очекувања, така што тоа би можело да има негативно влијание на пазарот“, предупредува Џеј Хетфилд, директор во Infrastructure Capital Management.

Затегнувањето на монетарната политика дополнително ќе го забави растот на економијата, која и онака технички е во рецесија, имајќи предвид дека економијата паѓа два квартали по ред на квартална основа.

По остриот пад во првата половина од годината, индексот S&P 500 порасна за околу 13 отсто од средината на јуни. Но, се чини дека летното закрепнување е завршено бидејќи цените на акциите паднаа минатата недела, по силните добивки четири последователни недели.

Од почетокот на годината, S&P 500 падна за околу 13 отсто, а Nasdaq индексот е намален за повеќе од 20 отсто.

И на европските берзи вчера паднаа цените на акциите. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,22 отсто, на 7.533 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 2,32 отсто, на 13.230 поени, а париски CAC 1,80 отсто, на 6.378 поени.