Остар пад на Волстрит по податоците за БДП

73

На Волстрит, берзанските индекси  остро паднаа бидејќи инвеститорите стравуваат дека американската централна банка ќе ги зголеми каматните стапки повеќе од очекуваното. Dow Jones загуби 1,05 отсто, на 33.027 поени, додека S&P 500 се лизна за 1,45 отсто, на 3.822 поени, а индексот Nasdaq се намали за 2,18 отсто, на 10.476 поени.

БДП порасна повеќе од првичните проценки
Вчера индексите ги загубија сите добивки од претходниот ден, што е последица на сè уште силниот раст на американската економија, поради што ФЕД би можел да ги подигне каматните стапки на повисоки нивоа од очекуваното. Имено, конечната проценка покажа дека во третиот квартал бруто домашниот производ (БДП) порасна за 3,2 отсто на годишно ниво, повеќе од првично проценето.

Податоците од пазарот на труд покажаа, пак, дека минатата недела бројот на барања за помош за невработени се искачи на 216.000, помалку од очекуваните 222.000. Овие податоци покажуваат дека економијата и пазарот на труд сè уште се многу силни, што ќе продолжи да ја поддржува високата инфлација.

Што ќе биде со каматата?
Ова, пак, значи дека ФЕД може да ги зголеми каматните стапки на повисоки нивоа од очекуваното и дека тие би можеле да останат на тие нивоа подолго од очекуваното.

„Силните економски показатели ќе ја наведат ФЕД да ја држи ногата на економската кочница и да продолжи да ја затегнува монетарната политика. А тоа значи дека постои ризик зголемувањето на каматните стапки да оди предалеку, што би имало силно влијание врз економијата. “ објаснува Лиз Ен Саундерс, стратег во Charles Schwab. И додека оваа година солидно расте, следната економија би можела да западне во рецесија.