Остар пад на Волстрит поради стравувањата од економско забавување

88

Индексите на Волстрит остро паднаа во четвртокот, откако новиот сет на макроекономски показатели предизвика загриженост дека американската економија забавува многу побрзо од очекуваното, бидејќи ФЕД продолжува да одржува цврста монетарна политика.

Индексот Dow Jones во четвртокот потона за 494,82 поени или 1,21 отсто, на 40.347 поени, додека S&P 500 падна за 1,37 отсто, на 5.446 поени, а индексот Nasdaq за 2,3 отсто или 17.194 поени.

Така, S&P и Nasdaq индексот речиси ги избришаа најголемите добивки од февруари, остварени претходниот ден поради растот на цените на акциите на производителите на чипови и сигналите од Fed дека може да започне со олабавување на монетарната политика во септември. Но, август обично е месец со најслаби перформанси на акциите во годината.

На почетокот на тргувањето во четвртокот, индексите продолжија да растат, поддржан од скокот на цената на акцијата на Мета платформи благодарение на подобрите од очекуваните квартални резултати и на најавените оптимистички деловни прогнози за третиот квартал. Акцијата на Мета вчера порасна за 5,78 отсто и беше најголем добитник во рамките на S&P.

Но, тие првични добивки избледеа откако PMI покажа дека американската индустриска активност падна на 46,8 во јули, што е најниско ниво во последните осум месеци.

„Ова поттикна сериозни стравувања дека ФЕД ќе доцни со намалувањето на каматните стапки. Малкумина инвеститори имаат доверба во ФЕД, која се држи до пословичното „меко приземјување“ на економијата, а сега податоците почнуваат да ја одразуваат таа загриженост “, рече Лу Басенезе, стратег во Њујоршката МДБ Капитал.

Исто така, беше објавено дека бројот на Американци кои побарале надомест поради невработеност минатата недела се искачил на највисоко ниво во последните 11 месеци, што укажува на тензија на пазарот на трудот, но секако улога во тоа имаат сезонските фактори.

За подобар увид во состојбата на пазарот на труд, инвеститорите го чекаат објавувањето на извештајот за вработување во петок.

Цените на акциите на големите технолошки компании како Apple вчера значително паднаа, за 1,68 отсто и Amazon, за 1,56 отсто, пред објавувањето на деловните резултати. По затворањето на берзата и објавувањето на резултатите, цената на акцијата на Amazon во електронското тргување потона за 4,46 отсто.

Од друга страна, најголеми добивки имаа акциите на одбранбените сектори како што се недвижностите и комуналните услуги, додека геополитичките неизвесности поради ситуацијата на Блискиот Исток го зајакнаа доларот и ги намалија приносите на државните записи.