
Повеќе од три години војна во Украина, година и пол конфликт во Појасот Газа, нерешената ситуација во Јемен и Сирија, заедно со забрзаното вооружување на земјите од НАТО пактот и Руската Федерација – а со тоа и на остатокот од светот, доведоа до нагло зголемување на профитот на производителите на оружје на глобално ниво.
Според извештајот на Стокхолмскиот институт за истражување на мирот (SIPRI), глобалните воените трошоци достигнaa рекордни 2,718 милијарди долари во 2024 година, што претставува зголемување од 9,4 проценти во однос на претходната година и најбрз годишен раст од крајот на Студената војна.
САД се најголемиот трошач, со 997 милијарди долари, додека земјите од НАТО во Европа ги зголемија трошоците поради војната во Украина.
Кога станува збор за резултатите на компаниите во оваа област, американските компании доминираат, иако треба да се напомене дека руските компании колективно остварија големо зголемување на приходите (40 проценти во 2023 година), главно благодарение на зголеменото производство во државната холдинг компанија Ростек, која оствари годишен раст од 49 проценти.
Како што забележува агенцијата Анадолу, компаниите од Блискиот Исток, особено од Израел и Турција, исто така забележаа значително зголемување на приходите, поради зголемената побарувачка за време на конфликтите во Газа и Украина. Покрај нив, кинеските компании со посветени индустрии, како и компаниите од Јужна Кореја и Јапонија, значително пораснаа.
На почетокот на оваа година, проценките на најголемите светски производители продолжија да растат на нови рекордни нивоа. Врз основа на индикаторите објавени од порталот Companiesmarketcap, меѓу производителите на оружје и воена опрема котирани на берзите, највредна компанија е RTX од Арлингтон, Вирџинија. Овој американски гигант е создаден во 2020 година со спојување на компаниите Raitheon и United Technologies Corporation, а се проценува дека е „тежок“ околу 183 милијарди долари.
Увозот на оружје во Европа речиси се дуплираше (+94 проценти) помеѓу 2019 и 2023 година, при што САД се главен снабдувач, обезбедувајќи 55 проценти од европскиот увоз.
RTX е познат по своите напредни ракетни системи, авионски мотори и воздухопловни компоненти. Неодамна доби договор од 1,2 милијарди долари за снабдување на германската војска со системи за воздушна и ракетна одбрана „Патриот“.
Следната најголема компанија е „Ханивел“, која има диверзифицирано портфолио, поради што во 2026 година ќе биде поделена на три различни компании кои вклучуваат автоматизација, воздухопловство и напредни материјали. Произведува радарски системи од најновата генерација за американската војска, а нејзината вредност се проценува на 144 милијарди долари.
На третото место е француска компанија – „Сафран“ – проценета на 123 милијарди американски долари.
Меѓу компаниите што вредат повеќе од 100 милијарди е американската „Локид Мартин“, позната по своите ловци Ф-16, но и еден куп други авиони од поновата генерација. „Локид“ вреди околу 112 милијарди долари.
На петтото место е германскиот „Рајнметал“ (90 милијарди), кој објави скок на продажбата од 46 проценти во првиот квартал од оваа година.
Првата азиска компанија на листата е Хундустан Аеронаутикс (38 милијарди долари), на единаесеттото место, додека францускиот производител Дасо Авиејшн, од кој Србија купи авиони Рафал, е на 15-то место со 27 милијарди долари.
Најголемите руски и кинески производители не се на оваа листа бидејќи нивните акции не се тргуваат на берзи и се во државна сопственост.











