Остри пораки од Давос: Ни се закануваат најмалку четири кризи

169

Најмалку четири меѓусебно поврзани кризи се закануваат да предизвикаат глобална рецесија, изјави во понеделникот германскиот министер за економија Роберт Хабек. Четирите закани, рече тој на Светскиот економски форум во Давос, се инфлацијата, енергетската криза, недостигот на храна и климатските промени.

Рецесија е значителен пад на економската активност во земја или зона. Кога бруто домашниот производ – односно вкупната вредност на стоките и услугите изразена во пари за одреден период – е помал во два последователни квартали од претходниот, тогаш економистите тоа го нарекуваат „техничка рецесија“, потсетува ДПА.

„Не можеме сами да ги решаваме проблемите“, рече Хабек. „Но, ако не успееме да решиме некој од проблемите, навистина се плашам дека ќе паднеме во глобална рецесија.

Тоа, рече тој, би можело да има критично влијание не само на агендата против климатските промени, туку и да предизвика глобална нестабилност.

„Доколку дел од светот идната година остане гладен, тогаш нема да се грижиме само за тоа (климата), туку и за светската стабилност“, рече министерот.

„Треба да разбереме дека не смееме да решаваме еден проблем со туркање на друг под тепих“, рече тој и додаде дека решавањето на сегашните проблеми преку поголемо производство и употреба на фосилни горива ќе ја влоши ситуацијата во иднина.

Исто така, рече Хабек, не е во ред сега да се затвораат пазарите, бидејќи ако секоја земја се сврти кон грижата за себе, тоа може да ја влоши светската криза, пренесува Investitor.me.

„Мораме да ги задржиме пазарите отворени“, рече тој, повикувајќи на регулаторни промени и курс од „деглобализација“ кон подлабока соработка и солидарност.