Остварена средба со добитниците на Годишната награда на Народната банка за 2020 и 2021 година

50

Драго ни е што од кога е воведена во 2007 година, па наваму, Годишната награда на Народната банка за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството се потврдува како една од вистинските форми за поттикнување на истражувачката активност на младите истражувачи економисти. Во изминатите четиринаесет години, бевме сведоци на бројни трудови, коишто на овој начин заедно со нивните автори беа промовирани и афирмирани, како пред научната јавност, така и пред носителите на економските политики. Меѓу нив сега се вбројуваат и истражувачите Ален Калач, чијшто труд минатата година ја доби Годишната награда – втора награда и Рејхан Сулејман, којашто за нејзиниот труд е добитничка на првата награда оваа година.

Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на средбата со минатогодишниот добитник и годинешната добитничка на Годишната награда на Народната банка – Ален Калач и Рејхан Сулејман, на којашто им беа врачени и плакетите. На Калач му е доделена наградата за трудот Унапредување на процесот на кредитна анализа кај банките преку употреба на методи од машинско учење, а на Сулејман за трудот Влијанието на претприемaштвото врз економскиот раст во земјите во транзиција и во земјите од регионот МЕНА (Среден Исток и Северна Африка): со осврт на Северна Македонија0.  

На настанот, покрај гувернерката, вицегувернерите и главната економистка на Народната банка, учествуваа и претседателите на одборите за оценување: проф. д-р Александар Стојков, поранешен член на Советот на Народната банка, којшто го предводеше Одборот минатата година и проф. д-р Гадаф Реџепи, актуелен член на Советот на Народната банка, којшто беше претседател на Одборот за 2021 година. Според нивните искажувања, и двата труда, согласно со оцените на членовите на одборите за оценување, се одликуваат со конзистентност и истражуваат релевантни области коишто се важни во актуелните економски контексти. Истовремено, тие изразија и задоволство од интересот на младите истражувачи за наградата на Народната банка, којшто веќе претставува традиција.

Калач и Сулејман искажаа задоволство од вреднувањето од Народната банка и од оцените од одборите за оценување на трудовите, при што посочија дека Годишната награда на Народната банка е предизвик и поттик за младите истражувачи економисти.

“Поаѓајќи од нашата определба, како централна банка да им даваме поддршка на младите истражувачи, сигурни сме дека ваквите форми и активности на поттикнување на истражувачката и научната активност меѓу младите економисти ќе бидат и побројни во следниот период. Искрено се надеваме дека со сите активности што ги преземаме и што планираме да ги преземеме во претстојниот период дополнително ќе придонесеме за развој на научната мисла на младите економисти од земјата, а со тоа и на носителите на економски политики. Покрај тоа, нашите активности се и ќе бидат насочени кон придонес за квалификуван кадар во земјата, во сферата на економијата, подготвен за предизвиците и на актуелното дигитално и динамично време и упатен во најновите стручни трендови“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, во завршницата на средбата.