Осум компании ќе нудат регистрација на интернет домени

21

domain Граѓаните ќе може да регистрираат национален домен .mk електронски од кој било компјутер, со добивање на услугата од осум компании-регистрари. Досега Македонската академска истражувачка мрежа МАРНЕТ беше единствен субјект на пазарот преку кој можеше да се регистрира доменот .мк.
“Со либерализацијата граѓаните повеќе немаат потреба и не можат да се обратат до МАРНЕТ за регистрирање домени, односно тоа ќе го добиваат само од овластените регистрари од страна на МАРНЕТ”, рече денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Либерализацијата, нагласи, ќе понуди конкурентни цени. – Пазарот ќе си го направи своето. Услугата што ја плаќаат сите кон МАРНЕТ е една иста и фиксна, но тоа не значи дека нема простор тие да ја намалат за да понудат друга додадена вредност во пакет. Во неформалните разговори дел од нив тоа го презентираа како бизнис модел за привлекување на граѓаните за да реализраат за нив други проекти, наведе Ивановски.
Компании регистрари на домени поврзани со МАРНЕТ се Вертувио, Ултранет, МК хост, Некст ЕМ, Тим корпошрејшн, Процес ин, Марксум регистри и Веб глобал итц, а се присутни со канцеларии во Скопје, Кавадарци, Велес и Куманово. Ивановски апелира и останатите заинтересирани регистрари да се поврзат на мрежата на МАРНЕТ и да аплицираат за нудење услуги со електронско регистрирање национални домени.
Во Македонија моментно се регистрирани над 36.000 национални домени, а новите субјекти на пазарот очекуваат либерализацијата да овозможи нивно значително зголемување.