Осумдесет и двегодишна жена ќе лета во вселената со Безос

33

Осумдесет и двегодишната Вoли Фанк на 20-ти јули заедно со Џеф Безос ќе полета во вселената преку компанијата Blue Origin и така ќе биде најстарата личност која патувала во вселената.

Фанк ќе биде четвртиот патник на тој лет со човечки екипаж, што го организира компанијата за вселенски туризам на милијардерот. Освен тие двајца, во вселената лета и братот на Безос и добитникот од лотаријата чие име не е објавено.

Инаку, Фанк во 60-тите години била дел од приватната програма позната како Mercury 13, во којашто на 13 жени им беа направени истите испитувања како и на машките астронаути избрани во рамки на програмата на NASA, за испраќање на првите Американци во вселената. Таа е прва инспекторка на американската Сојузна управа за цивилно воздухопловство. Како пилот има 19.600 часови летови.

“Ми рекоa дека сум ја завршила работата подобро и побрзо од било кој маж. Кажав дека сакам да бидам астронаутка, но никој не ме прифати, не ни помислив дека еден ден ќе одам горе“, рекла Фанк во видео порака објавена на Instagram профилот на Безос.

“Никој не чекал толку долго… Добредојде во тимот Вели“, напиша Безос.

Ракетата на Blue Origin би требало да полета на 20-ти јули, а треба да достигне 100 километри над Земјата.

Патниците ќе можат неколку минути да лебдат во безтежинскиот простор и да ја следат Земјата, а потоа капсулата по слободен пад ќе почне да се враќа на Земјата, а нејзиното движење ќе го забават три големи падобрани и ретро ракета по што ќе се спушти во пустината во западен Тексас.

Фото: Instagram screenshot