Со грант од 400.000 евра од германската и швајцарската влада, 8-те плански региони во Македонија ќе ги подобруваат способностите за подготовка на техничка документација за конкурирање за претпристапните фондови од Европската Унија. Ова ќе се реализира преку Програмата за регионален економски развој во Македонија (ГИЗ РЕД), која во земјава се спроведува од 2008 година.
Програмата која трае до 2014 година во моментов е во втората фаза, а од 1 ноември 2012 година покрај Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ ја кофинансира и Швајцарската агенција за соработка и развој. Нејзината цел е да обезбеди рамномерен регионален развој во Македонија.
“Кај дел од општините што имаат право да конкурираат за проекти од ЕУ забележавме дека главен проблем е недоволната подготвеност на проектите. За таа цел побаравме од донаторската заедница, конкретно од Германија и Швајцарија, да се обезбедат средства со кои во конкретниов случај на околу 30 проекти ќе им биде помогнато да подготват документација со која понатаму ќе се конкурира за претпристапните фондови од ЕУ во вредност од преку 32 милиони евра”, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Посочи дека проектот претставува одлична можност за стекнување искуства за натамошниот процес на подготовка и спроведување проекти на регионално ниво од страна на планските региони и центрите за развој на планските региони.