Откупени две третини од ланската реколта на тутун

24

По просечна цена од 193 денари за килограм, досега се откупени околу 14.000 тони тутун или две третини од ланската реколта којашто тежи 20.000 тони, јавува Миа.

Како што изјави претседателот на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија Данчо Милески, родот е квалитетен, а од откупната кампања се задоволни и тутунарите и откупувачите. Ако температурите не бидат многу ниски и дозволат домашна манипулација, тутунот ќе се откупи во февруари, иако крајниот рок е 15 март.

“Нема оспорувања на процената, задоволни се и двете страни. Од околу 20.000 тони тутун останува да се откупат уште 3.500 до 4.000, главно во Пелагонискиот регион. Откупот привршува и во источна Македонија каде треба да се преземат уште 200 тони“, изјави Милески.

Годинава откуп вршат девет компании.