Откупени се 27,5 милиони килограми тутун или преку 80% од договорените 32 милиона килограми. Просечната цена достигна 154,65 денари за килограм.
Како што изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, 209 производители поднеле барања за дополнителна проценка на три тони тутун преку Второстепената комисија, но од нив, над 50% добиле иста, дури и полоша оценка за квалитетот.
Моментно, освен преземањето на преостанатите договорени количини, приоритет останува и откупот на тутунот, околу 700 тони, од радовишките производители кои требаше да ги откупи Томи мид.
“Нема да ги оставиме на цедило тутунарите од Радовишко. Сокотаб и Алијанса се обврзаа дека ќе ги преземат количините, нешто помалку од 700 тони, што останаа. На Томи мид му е одземена лиценцата и поднесени се кривични пријави зашто од вкупно договорените 950 тони откупи само 300”, рече министерот.
Според него, годинава откупот е значително поинтензивен, но цената е пониска.
“Никогаш не сме имале ваква динамика на откуп. Од 17 декември кога почна целиот процес, до денеска, 24 февруари, преземени се речиси 85% од договорените количини. Сега целта е за што пократко време да се откупат преостанатите договорени количини, а потоа и дополнителните 10 до 15% вишок производство”, истакна Димовски.
Лани, додаде, откупната цена изнесуваше 182 денара за килограм, а годинава е 15% пониска зашто квалитетот е полош пред се поради лошите временски услови, енормните врнежи и високите температури кои резултираа со појава на болести.
Министерот информира дека повторно има ситуации на склучување двојни договори, но нивниот број е драстично намален. Со цел поефикасни контроли, планирано е воведување електронска евиденција на површините.