Отворен Балкан носи пораст на пазарот на труд, но тоа не значи дека ќе го реши проблемот со недостигот на работна сила

16

Речиси две недели официјално функционира единствениот пазар на труд на Србија, Албанија и Северна Македонија, пишува Н1.

Административните пречки се минато. Тие беа заменети со електронска регистрација, така што Македонците и Албанците можат да работат во Србија без комплицирани процедури и обратно.

„Ќе се поврзат порталите за е-влада во три земји. Воспоставувањето единствен пазар на труд ќе придонесе за натамошен економски напредок и поголеми инвестиции во нашиот регион, како и за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на земјите потписнички“, рече министерот за финансии Синиша Мали.

Работодавачите и синдикалците се делумно оптимисти. Велат – проектот Отворен Балкан носи пораст на пазарот на труд, но тоа не значи, како што објаснуваат, трајно да се реши проблемот со недостигот на работна сила.

„Тоа е како привремено гаснење на пожарот, бидејќи воопшто не знаеме колку ќе бидат заинтересирани оние луѓе од Албанија и  Македонија за работните места што се нудат во Србија“, смета Јелена Јевтовиќ од Сојузот на работодавачи на Србија.

“Само минатата година издадовме околу 50.000 работни дозволи, но на прсти може да се изброи колку дошле од Македонија и Албанија, едноставно Србија за многу наши претставници е тигар на Балканот, но за овие две земји не сме никаков тигар“, додава Ранка Савиќ од Здружението на слободни и независни синдикати.

Не сме, бидејќи минималната плата не е на исто ниво со другите земји во регионот, како што е Хрватска, каде што е 677 евра. На тоа поле, во споредба со Албанија и Северна Македонија, Србија е минимално напредна. Албанците добиваат 350 евра за минимална плата, Македонците 380, а работниците од Србија 400 евра.

Соговорниците од Н1 велат дека новините не можат да ја загрозат домашната цена на трудот, бидејќи таа е заштитена со закон, но дека државата мора да направи промени за да привлече работници.

„Ако нашата земја ја покачи цената на трудот поради недостаток на работна сила, тогаш граѓаните на овие земји можат да дојдат во Србија и да работат таму, ако тоа не се случи тие ќе продолжат да одат во земјите на Европската унија“, вели Ранка Савиќ.

„Не можеме да очекуваме дека голем број работници од овие две земји ќе сакаат да работат во Србија, имајќи ги предвид вкупните трошоци за живот во странска земја и имајќи ја предвид номиналната разлика меѓу платите, без разлика дали станува збор за минимумот или просекот во одредени индустрии, па ефектите ќе бидат прилично мали“, вели професорот по трудово право Марио Рељановиќ.

Дома, многу работни места лежат празни. Податоците покажуваат дека Србија и понатаму страда од недостаток на работници во градежништвото, туризмот, угостителството и трговијата.