Отворен пазарот за струја за домаќинствата во Србија, Црна Гора и БиХ

22

struja

Од 1 јануари годинава, во три земји од регионов се отвори пазарот за електрична енергија. Домаќинствата од Србија, Црна Гора и БиХ од вчера имаат право да избираат од каде ќе купуваат струја.

Доколку домаќинствата проценат дека им е поисплатливо, имаат право да се снабдуваат со струја на слободниот пазар, но тоа не е задолжително, односно можат да останат на јавно снабдување во Србија, јавува РТС.

Промената на трговецот ќе биде бесплатна, ќе трае најмногу 21 ден и целата постапка ќе ја спроведува новиот снабдувач, а не купувачот.

Директорот на Електростопанство Србија, Александар Обрадовиќ, не очекува голема конкуренција за снабдување на домаќинствата поради ниските цени на струјата во земјата.

“Цената на струјата во јавното снабдување во Србија е 30% пониска од цената во регионот. Затоа не очекувам голем број на конкуренти кои ќе се трудат да ги придобијат домаќинствата како корисници”, вели Обрадовиќ.

Покрај пазарот за струја, во Србија е отворен и пазарот за гас за домаќинства. Пазарот за струја за стопанството во Србија е отворен во текот на 2013 и 2014 година.

Од Регулаторната агенција за енергетика (РАЕ) на Црна Гора објаснуваат дека домаќинствата веќе можат да ја одберат онаа понуда за снабдување со струја што најмногу им одговара, пишува Вијести.

Од РАЕ информираат дека струјата што ја користат домаќинствата поминува преку преносната и дистрибутивна мрежа со која управува Електростопанство (ЕПЦГ), односно нејзината Функционална целина (ФЦ) Дистрибуција, која ги опслужува потрошувачите во Црна Гора. Домаќинствата, како потрошувачи, во моментот се под ЕПЦГ, односно ФЦ Снабдување, а со отворањето на пазарот секој потрошувач има можност да премине кај друг трговец.

Пазарот на електрична енергија во Црна Гора е отворен од 1 јануари 2009 година за сите купувачи, освен за домаќинствата.

И домаќинствата во БиХ од вчера имаат право да изберат трговец со струја. Купувачот може да го смени трговецот, не го менува физичкиот приклучок и останува приклучен на истата дистрибутивна мрежа, пишува еКапија.ба.

На пазарот на електрична енергија во БиХ се пријавени 24 трговци.