Отворен прв ИТ Хаб во високо-образовна институција

19

IMG_4511

Студентите од Факултетот за информатички и комуникациски техниологии во Битола, како и сите ИТ професионалци ќе добиваат соодветна стручна и техничка помош при реализација на своите претприемнички идеи преку првиот ИТ хаб во овој регион – BIT Hub, кој денеска беше најавен во Битола.

BIT Hub-от ќе биде лоциран на Факултетот за информатички и комуникациски техниологии (ФИКТ) во Битола, а е поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME) на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), имплементирана од Swisscontact и локалниот партнер PREDA Plus.

Според деканот на ФИКТ, професор д-р Пеце Митревски, овој хаб ќе овозможи услови студентите и сите ИТ професионалци од малите и средни компании, да ги развијат своите бизнис идеи и да ги зголемат своите технички и претприемнички вештини.

ФИКТ е најмладата високо-образовна институција во состав на Универзитетот Св. Климент Охридски којашто во изминатите две академски години запиша преку 600 нови студенти, а новата четиригодишна студиска програма Информатички науки и комуникациско инженерство, со вкупно девет профили на специјализација, има дури 89% совпаѓање на содржините и резултатите од учењето со слична студиска програма што се изведува на Boston University Metropolitan College.

“Студентите, освен теоретското знаење, треба и ќе добијат можност практично да ги реализираат и своите бизнис идеи. Токму во изминатиов двегодишен период на ФИКТ беа формирани 28 студентски работни групи со вкупно 145 студенти, коишто активно работеа и работат на практични проекти од областите на Софтверското инженерство и Мрежните сервиси, а се менторираат од ментори од неколку ИТ компании. Дел од компаниите обезбедија дури и стипендии, како и покривање на школарините за најдобрите студенти“, рече Митревски.

„Во таа насока, првиот ИТ хаб во овој регион, поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME), ќе им биде канцелариски простор за работа, ќе биде место од каде ќе се поттикнуваат претприемничките бизнис идеи, ќе овозможува вмрежување на компаниите и поддршка при реализацијата на креативните идеи. Со други зборови, овој центар ќе нуди услуги за поддршка на студентите на ФИКТ од неколку аспекти: бизнис планирање (како да се дојде до финансии и да се обезбеди самовработување), соодветна инфраструктура (обезбедување канцелариски простор) и поддршка на нивните производи (преку соодветни менаџерски и менторски програми).

Затоа, ги повикуваме сите студенти и ИТ професионалци да се пријават и да добијат поддршка во реализацијата на нивните бизнис намери“, образложи Митревски.

Борче Јанкулоски, директор на ПРЕДА Плус и претставник на IME, на денешната средба со новинарите, рече дека BIT Hub-от, во почетата фаза, ќе одговори на сите потреби за пристап до услуги за поддршка и развој на вештини за претприемнитво и бизнис.

Во последните неколку години, постои тренд на отворање на нови ИТ бизниси, отворање на нови канцеларии на растечките ИТ компании во Македонија и иницијативи за интензивно вмрежување меѓу постоечките компании. Сепак, според Јанкулоски, овој регион се соочува со неможност за пристап до организирани механизми за поддршка на бизнисот, работен простор, поддршка на претприемништвото и можности за вмрежување.

Овој хаб е плод на соработката на ФИКТ со Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME), програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), имплементирана од Swisscontact и локалниот партнер PREDA Plus. BIT Hub-от ќе биде место каде што ќе се комбинира развојот на техничките и претприемничките вештини за ИТ професионалците. Затоа што, во овој регион постои тренд на отворање на нови компании од информатичката технологија и нивно интензивно поврзување. Со овој ентетитет ќе се покрие недостатокот на организирана структура за поддршка на бизнисот, канцелариски простор за работа, поддршка на претприемништвото и можности за врежување меѓу компаниите, истакна Јанкулоски.

„Токму затоа, IME Програмата го поддржува ФИКТ во процесот на развој и воспоставување на новиот BIT Hub преку надворешна техничка експертиза. Фокусот на овој факултет кон претприемништвото во ИТ секторот, всушност, беше основата за отворање на овој хаб во формална образовна институција. На овој начин, ќе се воведе нов модел на приближување до бизнисот – модел на различни приватно-јавни партнерства“, вели Јанкулоски.