На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), се отвори Robomac 2017 – натпревар по роботика и автоматика.
На осмиот Robomac натпревар ќе учествуваат 70-тина учесници од Македонија и од странство. Според организаторите на натпреварот, Македонската секција на Институтот на инженерите по електротехника и електроника (IEEE) и студентскиот Парламент на ФЕИТ, половина од учесниците се од други држави, а останатите се студенти од ФЕИТ, ФИНКИ, Машински факултет, Јахја Ќемал колеџот и Микросам академијата.
“Robomac стана традиционален и препознатлив натпревар во организација на студентите. Ова го потврдуваме со огромниот број апликанти за учество во натпреварот. Овој Robomac се разликува од досегашните натпревари по тоа што комплетната организација припадна на студентите од СП ФЕИТ и IEEE, а ФЕИТ и УКИМ се само поддржувачи и домаќини на настанот“, рече деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски.
На денешното отворање се обрати и Ања Несторова, претседател на СП ФЕИТ, според која Robomac е најсовремениот и најпопуларен настан за роботика и автоматика во земјава.
“За успехот најмногу говорат бројките. Над 1.000 учесници досега, секоја година сé поголем број пријавени, со што значително се отежнува процесот на селекција на учесниците, но и значително се подобрува квалитетот на натпреварот“, вели Несторова.
За нејзиниот колега од Македонската секција на Институтот на инженерите по електротехника и електроника, Никола Фелкароски, Robomac помага учесниците да научат многу повеќе за придобивките од применатата роботика, како и за последните достигнувања во областа.
Финалниот натпревар за Robomac 2017 година ќе се одржи в сабота (14.10.2017) во Домот на АРМ со почеток во 18 часот. Настанот е отворен за сите посетители.