Отворен слушател!

23

mecinja

Фото: Pixabay

Пред некој ден прочитав текст на Business Insider за некој Зен концепт којшто влијае на личниот и на професионалниот развој на секоја индивидуа. Се работи за концептот „Умот на почетникот“, а се однесува на тоа во секоја нова ситуација да се однесуваме како почетници, како ништо да не знаеме и да се ослободиме од предефинираните заклучоци.

Објаснувањето е дека луѓето како што стареат и стануваат сè повеќе информирани (имаат повеќе знаење и искуство) ги затвораат своите умови кон нови и не-во-нивна матрица информации и на тој начин си ги лимитираат своите можности и потенцијали за раст.

Повеќето луѓе не сакаат да слушнат нови информации, тие сакаат само да ги потврдат своите информации/знаења

James Clear

Сè додека живееме со системот на информации со кои располагаме (а сме го наследиле од постарите/другите), нема шанси да направиме некаква промена и да развиеме некој нов систем што ќе ни помогне да одиме напред.

Во умот на почетникот има безброј можности,

но во умот на експертот има само неколку

                                                                                      Зен Мастер Сузуки

Умот на почетникот е отворен и чист, празен. Тој сака да ги впива сите информации од околината. Воопшто не донесува заклучоци или пред-квалификација на информациите. Доколку имаме таков став и филозофија кон животот, сигурно многу работи ќе ги перципираме на поинаков начин, така што при донесувањето на одлуките ќе ни биде полесно.

Во модерната деловна психологија, бариерата во комуникацијата, што е контра сила на „умот на почетникот“, се нарекува „затворен слушател“. Во прилог на овој текст, следат неколку практични совети кои ќе влијаат на отворање при вашата комуникација и ќе ве приближат до концептот на „умот на почетникот“:

  1. Научете да молчите – пробајте го како игра/вежба. Колку може да издржите да молчите?! Следниот пат кога ќе се најдете во некое друштво пробајте помалку да зборувате. Со тоа го јакнете карактерот (го менаџирате егото), слушате повеќе што зборуваат другите (што води до повеќе разбирање) и набљудувате (вежбате емпатија и говор на тело).
  2. Активно слушање – вежбајте да бидете активни слушатели. Но, мора да сфатите дека тоа е процес од 3 дела: слушање за да се разбере, процесирање на новите информации и повратен одговор (прашање, парафразирање, сигнал со телото). Тоа е сериозен ментален предизвик. Затоа, доколку не ви оди, не грижете се.
  3. Почни со став ТИ не ЈАС: кога ќе почнете со ТИ став, тогаш ќе бидете повеќе отворени да го слушнете мислењето и да ги разберете емоциите на другите.
  4. Намали со „НЕ“ – на почеток на реченица, кога ќе се фатите дека викате НЕ (или НЕ НЕ НЕ…) застанете и испроцесирајте ги информациите што сте ги добиле од соговорникот и размислете со што се согласувате, а со што не, со него.

Со успех во промените.