Oтворена канцеларија за поддршка на земјоделците во Охрид

24

0250B0E4A7932C4CBC8FE561099096C6 (1)Охридските земјоделци од денес имаат можност да добијат информации кои им се потребни за нивната работа, во новоотворената канцеларија за административни работи и стручна поддршка за развој на земјоделството.

Канцеларијата која ќе работи во рамки на Секторот за туризам и локален економски развој ја отвори градоначалникот Никола Бакрачески.

“Тоа ќе биде советодавно тело во кое земјоделците ќе може навреме да добиваат стручни совети, како да ги препознаваат ризиците во производство на раноградинарски култури и ќе им даде можност да ги наоѓаат адекватните начини, како да се справат со предизвиците кои претстојат пред нив”, рече градоначалникот Никола Бакрачески на отворањето.

Тој додаде дека канцеларијата ќе овозможи зголемување на продуктивноста и конкурентноста на пазарот, намалување на трошоците за производство и пред се ќе им даде широка поддршка во искористување на домашните и странските финансиски можности за развој на бизнисот.

“Ова е и место каде конечно земјоделците ќе може да добијат и потврда за бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште, помошни објекти, оранжерии или објекти за примарна обработка на земјоделски производи. Тука ќе се издаваат и уверенија и потврди кои им се потребни на производителите на здрава храна да можат своите земјоделски производи да ги продаваат ширум пазарите на Република Македонија”, информира Бакрачески.

Граѓаните кои се занимаваат со земјоделство и се сопственици на земјоделско земјиште ќе имаат можност постојано да разменуваат информации, но и да бидат поврзани со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и со другите институции во системот, додава охридскиот градоначалник.