Отворена првата платформа за вработување на ИТ специјалисти

20

unnamed

Во рамките на петтото издание на На кафе со Семос едукација, настанот кој ги собира ИТ професионалците од Македонија на едно место, денеска беше промовирана првата платформа за вработување на ИТ специјалисти. Настанот беше поддржан од страна на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (програма на Швајцарската агенција за развој и соработка SDC), а во организација на Семос едукација.

Ако ги запрашате менаџерите за човекови ресурси, особено ИТ компаниите кој е нивниот најголем проблем при барање на соодветни кадри, едногласно ќе ви кажат: ИТ стручњаци, програмери, одржувачи на мрежи. Семос едукација кој што одржува обуки и тренинзи во ИТ доменот формираше Кариерен Центар, поддржан од швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост токму за олеснување на компаниите при барање на различни профили за потребите на своите компании.

“Кариерниот центар претставува мост помеѓу активната работна сила и компаниите. Формиран е со цел да им помогне на двете страни истовремено, активната и потенцијалната работна сила која поминува низ нашиот тренинг центар на обука, дообука, преквалификација од една страна и компаниите кои бараат кадар со соодветни квалификации од друга страна. Наша задача е да ги следиме потребите на компаниите и да одговориме на барањата на пазарот на трудот и согласно на тоа успешно да градиме кадар кој ќе може да одговори на овие барања. Секако, тука сме за да помогнеме на сите оние кои сакаат да добијат можност за пракса, прво вработување, промена на работно место, развој и едукација”, изјави Анче Јованоска, менаџер на Кариерниот Центар на Семос едукација.

Овој центар има за цел да биде централна база за потенцијални кадри од кој фирмите во Македонија ќе можат полесно да доаѓаат до потребните идни вработени. Особен фокус на Кариерниот центар ќе биде токму специфичниот сегмент од доменот на ИТ индустријата.

„Анализите што ги направивме во секторот креативни индустрии покажаа дека на пазарот постои потреба од субјект кој ќе понуди кариерни услуги како дополнителна можност за лицата кои посетуваат обуки во центрите за неформално образование и поврзување на овие лица со бизнис заедницата како и зголемени можности за нивно вработување. На овој начин Кариерниот центар ќе придонесе кон надминување на јазот помеѓу индустријата и образованието и на компаниите ќе им понуди квалификуван кадар според нивните специфични барања“, изјави Лидија Дамческа, специјалист за развој на вештини на Програмата за зголемување на пазарната вработливост.