Отворени денови за земјоделството во Куманово

41

Средба со кумановските земјоделци одржа Игор Златков, директорот на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството во рамките на Отворените денови за земјоделството.
“Средбите се одржуваат со цел ако земјоделците имаат одредени прашања, проблеми или идеи поврзани со земјоделството, да им ги одговориме или да ги пренесеме до Владата и потоа да можеме во вид на проекти да ги имплементираме во нивните места”, рече Златков.
Златков истакна дека земјоделците при средбите најмногу се интересираат за субвенциите за 2013 година и дали тие ќе продолжат и понатаму, а потоа за ИПАРД програмата и програмата за рурален развој чие аплицирање заврши на 15 јануари.
“Што се однесува до ИПАРД програмата сакам да апелирам до сите земјоделци да аплицираат за трите мерки, модернизација на земјоделската механизација, преработувачки капацитети и маркетинг во земјоделството, диверзификација во руралниот развој. Земјоделците кои не можат да присуствуваат на трибините кои ги организираме можат да дојдат во Агенцијата и да остварат средби, а доколку не можат, ние ќе ги посетиме, бидејќи работиме двосменски, сабота и недела”, додаде Златков.
Освен Куманово, директорот Златков заедно со неговиот тим од Агенцијата ги посети и Липково, Старо Нагоричане и Младо Нагоричане.
Проектот на Отворени денови започна да се спроведува во декември минатата година, а ќе трае се до февруари оваа година. Надлежните информираат дека ќе бидат посетени сите населени места во државата без разлика на бројот на населението и оддалеченоста на местото.