Отворени финансии: Портал за транспарентност на јавните финансии

254

Промовиран порталот Отворени финансии, којшто е дел од реформата за транспарентно управување со јавните финансии, стои во соопштението.

Со податоците од овој портал, јавноста ќе има увид во финансиски податоци за над дванаесет и пол милиони трансакции. Секогаш кога некое министерство, агенција или државна управа ќе извршат уплата на пари, трансакцијата ќе биде јавно достапна за увид на сите во државата.

На настанот присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски и претставници на УСАИД и ИРИ.

“Отворање на трезорот и сите податоци во него, е една од најголемите мерки во насока на намалување на корупцијата и неправилностите во работењето на државните институции, како и штедење на парите на граѓаните. Со ова ниво на транспарентност и отчетност, граѓаните, медиумите и граѓанските организации ќе можат слободно да ги истражуваат плаќањата на институциите и да согледуваат дали некоја институција форсира економски оператор или префрлува пари на едни исти физички лица за различни работи. Платформата „Отворени финансии“ во иднина ќе биде коректив на работењето на институциите и силна барикада за корупцијата, непотизмот и останатите неправилности кои ги среќаваме во институциите“, рече Заев.

Во првата фаза е планирано на платформата Отворени финансии да се објавуваат трансакциите на буџетските институции на Централниот буџет, а тоа се институциите од Основен буџет (министерства, агенции, управи итн.) и социјалните фондови, а во втората фаза ќе се објавуваат и трансакциите на единиците на локална самоуправа и нивните буџетски институции.

Платформата Отворени финансии им се придружува на платформата Отворени податоци, на алатката за отчетност на Владата којашто ги покажува личните службени трошења на функционерите и на новите сервисни веб страни на Владата и министерствата на кои се работи и кои ќе содржат информации кои порано беа целосно недостапни.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска потенцираше дека порталот Отворени финансии е еден од клучните резултати од големата реформа на јавните финансии, во чија основа е транспарентноста со што заложбата на оваа Влада за транспарентно, ефикасно и ефективно управување со јавните финансии, станува реалност и претставува чекор напред на европскиот пат.

“Денес го отклучуваме Трезорот за граѓаните. Ова е ‘декласифицирање’ на податоците за трансакциите на буџетските корисници. Покажуваме дека имаме институционален капацитет за големи демократски чекори. Транспарентноста е основна демократска алатка. Таа ја ограничува манифестацијата на моќ и поттикнува поодговорно и поправедно трошење на буџетските средства поради стравот од фаќање во нелегална активност. Тоа е повратниот ефект на транспарентноста врз намалување на корупцијата. Пристапот на граѓаните и граѓанското општество до информации за располагањето со буџетските средства поттикнува нивно разумно и одговорно трошење“, истакна министерката за финансии Ангеловска.

Министерот за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски информираше дека според истражувањето на Action SEE за транспарентност, отвореност и отчетност на извршната власт во регионот на Западен Балкан за 2018 година, Владата на Република Северна Македонија, заедно со Црна Гора е лидер во регионот според индексот на отвореност, којшто изнесува 78% во однос на исполнување на индикаторите.

“Трендот е растечки во последните две години и донесе пресврт во рангирањето на нашата земја, ако се знае дека во 2016 година бевме на последното место со само 52% исполнети индикатори. Она што заслужува посебно позитивно внимание во ова истражување за транспарентност, отвореност и отчетност на извршната власт во регионот на Западен Балкан е првото место на нашата земја во поткатегоријата ‘Објавување граѓански буџет’ за што се исполнети дури 87% од индикаторите за транспарентност, отвореност и отчетност. Земјите на второто и третото место исполнуваат 40% и 24%, што претставува сериозна разлика во полза на Северна Македонија“, рече Поповски.