Отворени нaд 60 нови е-продавници во Македонија и Албанија преку проектот „Дигитално подготвени за Е-трговија“

46

 Во текот на вчерашниот ден, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ одржа бесплатен едукативен и нетворкинг настан за е-трговија, на кој присуствуваа над 150 учесници од целата земја. Во рамки на настанот, кој се одржа во иновацискиот центар „Innox“, се организираше панел дискусија под насловот „Ефективен маркетинг во е-трговија – Како со малку да направиш многу“, на која своето бизнис искуство пред присутните го споделија реномирани македонски е-трговци.

Овој настан воедно претставуваше и завршен настан на проектот „Дигитално подготвени за Е-трговија“, поддржан од Проектот на УСАИД за економски развој, управување и раст на претпријатијата (EDGE), а имплементиран од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) во соработка со Албанската асоцијација за е-трговија. Во рамки на настанот беа промовирани и поддржаните бизниси и новоотворените е-продавници кои беа дел од реализацијата на проектот.

Станува збор за 30 домашни микро, мали и средни претпријатија, како и регистрирани индивидуални производители кои добија поддршка за зајакнување на своето онлајн присуство и унапредување на вештините и знаењата потребни за раст во дигиталната ера.  Во рамки на овој проект на ист начин беа поддржани и 30 компании во Албанија, преку соработката со Асоцијацијата во оваа земја. Проектот не само што ги унапреди дигиталните вештини на вкупно 60 компании од двете земји, туку им помогна и да отворат дополнителен канал за продажба – преку поврзување со локалните „маркетплејс“ веб платформи за е-трговија.

– „Горди сме што преку проектот „Дигитално подготвени за Е-трговија“, поддржан од USAID EDGE, успеавме да им помогнеме на 60 компании од Македонија и Албанија да го зајакнат своето онлајн присуство и да ги унапредат своите дигитални вештини. Преку оваа иницијатива, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ повторно се вклучува во напорите за зајакнување на конкурентноста на микро, малите и средни компании и нивно мотивирање за подобрување и унапредување на нивното работење поврзано со е-трговија. Исто така, среќни сме за големиот интерес за едукација поврзана со е-трговија, согласно бројот на присутни учесници на завршниот едукативен и нетворкинг настан. АЕТМ ќе продолжи да работи и понатаму на зголемување на едукацијата за е-трговија и да организира вакви или слични настани.“ истакнаа од АЕТМ.

Инаку, на јавниот повик кој беше наменет за бизниси од секторите агропроизводство, лесно производство и влезен туризам, се пријавија преку 130 компании. Избраните 60 имаа можност преку прашалник да ги искажат своите потреби за обуки од дигитални вештини, по што беше направена сеопфатна анализа на потребите за дигитални вештини на компаниите во двете земји.

Во текот на обуките, претставници од избраните компании присуствуваа на три едукативни тренинг сесии, кои се одвиваа истовремено во Скопје и Тирана, адаптирани според специфичните потреби на компаниите и фокусирани на е-трговија и дигитален маркетинг. По завршување на сесиите, учесниците имаа можност да присуствуваат на онлајн B2B настани со локалните „маркетплејс“ веб платформи за е-трговија во Македонија и Албанија. Тие дознаа повеќе информации за условите за соработка и започнаа со онлајн продажба на нивните производи и услуги преку отворање на дополнителен продажен канал – е-продавница во рамки на некоја од маркетплејс платформите платформи.

Проектот, потенцираат од АЕТМ, резултираше со зголемени дигитални вештини и дигитална трансформација на над 100 претставници од 60 поддржани компании од Македонија и Албанија, како и со отворање на повеќе од 60 нови е-продавници во рамки на локалните „маркетплејс“ платформи за времетраење на проектот.