Оваа економска криза е четири пати полоша од онаа во 2008 година

43

Генералниот директор на Меѓународната организација на трудот (МОТ), Гај Рајдер, рече дека ефектите од пандемијата Ковид-19 врз светот на трудот се “катаклизмични“ и многу полоши од последиците од кризата во 2008 година.

Отворајќи ја двонеделната министерска конференција на МОТ, Рајдер исто така предупреди на нерамномерно економско закрепнување по пандемијата, што делумно се должи на нееднаквоста во дистрибуцијата на вакцините, објави Ројтерс.

“Влијанието е разорно, катаклизмично. Генерално, ова претставува криза во светот на трудот, којашто е четири пати потешка од финансиската криза од 2008-2009 година“, посочи тој.

Оваа организација минатата недела соопшти дека се очекува најмалку 220 милиони луѓе да останат невработени ширум светот во 2021 година и дека загубата на работни места предизвикана од пандемијата нема да може да се надомести до 2023 година.

“Бидејќи внимателно го следиме процесот на закрепнување, со тоа што некои економии растат брзо, дури и многу брзо и сега создаваат работни места со голема брзина, мислам дека мора да бидеме свесни колку ќе биде нерамномерно закрепнувањето доколку сегашниот тренд продолжи“, додаде Рајдер.

Фото: Pixabay